Култура
Отворен турскиот културен центар „Јунуз Емре “во Скопје
Културниот центар „Јунуз Емре“во Скопје денеска свечено беше отворен во присуство на повеќе видни личности од јавниот живот од Македонија и Турција
Културниот центар ќе има за цел да ги развива и продлабочи пријателските и меѓукултурните односи меѓу Турција и Македонија преку различни проекти, културни активности и курсеви, со што ќе ја афирмира меѓусебната култура уметност и историја.„Со отворањето на овој центар ќе се придонесе за подобро запознавање на турскиот и македонскиот јазик како и запознавање на културата и религијата на двете земји, “изјави турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.Министерката за култура на Македонија, Елизабета Канчевска Милевска изјави дека со отворањето на овој центар ќе се зајакне соработката во полето на културата.„Вистинските придонеси се градат врз ова и токму заради тоа владата на Македонија и министерството за култура со изградба на новиот турски театар, со промоција на Куршумли Ан како турски културен центар обновата на спомен домот на родителите на Ќемал Ататурк и отворањето на овој центар демонстрираме силна културна политика во развојот и негувањето на културно поле„ изјави Канчевска Милевска на денешното свечено отворање. Истовремено со отворањето на Центарот се предвидува размена на студенти меѓу Македонија и Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.
Култура
„Куќата на границата“, во режија на Андреј Цветановски, вечерва на МОТ
„Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар е на репертоарот на вториот ден (20.11.2025) на МОТ, дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски.
„Куќа на граница е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно, и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која поминува насред куќата. Звучи познато нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање сé што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира“ – вели Цветановски.
Претставата е одлична илустрација за тоа до кој степен сме способни да се понижиме себеси, слепо почитувајќи ги бесмислените бирократски норми на „новиот“ свет, кој од нас треба да направи покондурени господа.
Како креативен македонски тим на претставата покрај режисерот се и Димитар Андоновски автор на музиката и Сергеј Светозарев на сценографијата.
Претставата ќе биде изведена на сцената 25 Мај, МКЦ во 20 часот.
А пред неа во 19 часот во холот на МКЦ ќе биде поставена уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на архитектот и сценографот Костантин Трпеноски, која на границата помеѓу реалното и имигинарното нуди визуелно и сензорно доживување на просторот во холот на МКЦ. Настанот е воедно и ретроспективен поглед на неговите театарски сценографии „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и приказ на други негови актуелни сценски дизајни.

