Култура
Режисерот Тренчовски го претставува Астерфест во Белград

Горан Тренчовски, режисер и директор на Астерфест, на официјална покана од организаторите, престојува на Фестивалот на краткометражен филм во Белград кој се одржува од 30 март до 3 април под слоганот „хепи-енд”
На овој најстар фестивал на краткиот филмски метар во Југоисточна Европа, струмичкиот Астерфест има свое претставување, а со директорот на белградскиот фестивал Јанко Баљак е договорено и потпишување меморандум за меѓусебна соработка. Исто така, на пресот посветен на Астерфест, Горан Тренчовски соопшти дека познатиот педагог и режисер на црниот филмски бран Боро Драшковиќ ќе биде прогласен за почесен член на Тивериополската филмска алијанса и дека својот 75-ти роденден Драшковиќ на филмски начин ќе го помине на Астерфест, а ја пренесе и веста дека при неговото доаѓање во Македонија, Драшковиќ ќе има активности и на ЕСРА. Инаку, Драшковиќ е широко познат по своите авторски документарни, кратки, ТВ и долгометрaжни филмови и по својата даровита умешност за пренесување на своето знаење на помладите егенерации, како и како исклучителен писател на есеи за драмските уметности. Некои од неговите филмови се: „Хороско, „Животот е убав“, „Кујна“, „Парадокс за шахот“, „Попладне на ГРЕНЛАНД и др. Во текот на престојот на Фестивалот за краток филм во Белград, Горан Тренчовски се сретна со меѓународни претставници на фестивали и филмски автори од повеќе држави и истовремено ги покани да присуствуваат на шестото издание на Астерфест во Струмица од 27 до 31 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Жива досада“ – новата претстава на МНТ набргу пред македонската публика, ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта

Денеска почнаа првите читачки проби за претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, во која играат заедно со Гоце Андонов.
Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разно-разни обврски, само за да ја избегнат досадата.
Ликовите на децата, Давид и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе.
Костимограф е Валентина Чонкова, а сценограф е Мартин Манев.
Премиерната изведба се очекува кон втората половина на април или на почетокот на мај 2025 година.
Култура
Чевствување по повод 61 годинаа од смртта на Милтон Манаки

Денес се навршуваат 61 година од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки.
Во негова чест, на Влашките гробишта во Битола, свежо цвеќе положија, во име на општина Битола, советниците Марица Тодоровска и Борче Корлевски како и други делегации, претставници на конзуларни претставништва, вљубеници во филмската уметност и други граѓани.
Организатори на чествувањето се Кино – видео клуб ,,Студио Милтон Манаки ” од Битола и Комуната на Власите армните ,,Браќа Манаки”, со поддршка од Општина Битола.
„Денес се навршуваат 61 година од упокојувањето на Милтон Манаки и дојдовме да оддадеме достојна почит, заедно со претставници на Општина Битола, Здружението „Комуната на Власите“ и Кино клубот, како и дипломатските претставништва на Република Грција и Република Романија, Кинотека на Македонија и други институции и организации, кои изразија желба да положат цвеќе и да ја дадат својата почит кон Милтон, кој навистина, според мене, колку што е заслугата на Јанаки, заслугата на Милтон е уште поголема, затоа што во едни турбулентни времиња, тој успеа да ги сочува сите овие материјали, кои денес се чуваат дел во Кинотеката на Македонија, тоа е филмскиот материјал и дел во архивот, каде што се чува најголемиот фотографски и друг материјал, којшто секако претставува едно огромно културно богатство за Република Македонија. Материјалите се во фаза на целосна дигитализација, така што ќе може секој граѓанин да пристапи, да види и да истражува, што навистина оставиле Браќата Манаки, за нас навистина големо културно богатство“, изјави Стефче Хаџи Андоновски од Здружението „Комуната на Власите“ и Кино клубот „Милтон Манаки“.
Хаџи Андоновски, нагласи дека оваа година се одбележуваат 120 години од доаѓањето на „Камерата 300“ во Битола и предложи по овој повод да биде организиран соодветен настан со кој ќе биде одбележан овој значаен јубилеј.
Култура
Cамостојна изложба на Анита Огњановска

Изложбата насловена „Во спокој“ е деветта самостојна изложба на Анита Огњановска, чие отворање ќе се одржи на 5 март 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во двата изложбени салони, Империјал 1 и Империјал 2, во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје.
Огњановска повторно се претставува пред македонската публика со нов циклус дела кои истражуваат теми како личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на деталите кои носат длабока значајност. На изложбата ќе бидат претставени околу 40 дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.
Изборот на делата за оваа изложба е направен од професорот Костадин Танчев – Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар. Осврт на творештвото на Анита Огњановска ќе направи професорот Владимир Мартиновски – истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително, поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба, и истата ќе биде претставена на отворањето.
Концептот на изложбата „Во спокој“
Огњановска ги претставува своите дела како метафори за животот – навидум едноставен, но исполнет со слоеви комплексни емоции и искуства. Нејзините апстрактни композиции ја истражуваат интеракцијата помеѓу бојата и текстурата, создавајќи хармонија која ги повикува гледачите да откријат скриени значења под површината. Текстурите ја симболизираат слоевитоста на времето и искуствата, додека хоризонтите се прикажани како симбол на надеж и бесконечни можности.
Огњановска вели дека нејзините дела содржат елементи на охрабрување – потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој. Во нив таа ги истражува љубовта и страста како движечки сили на креативноста, но и теми како надминување лични стравови и пронаоѓање внатрешна храброст.
За Анита Огњановска
Анита Огњановска е ликовен уметник од Скопје со над 15 години искуство. Покрај самостојните изложби во Македонија, Хрватска и Данска, нејзините дела биле дел од групни изложби во Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија. Таа активно учествува на уметнички симпозиуми и колонии низ светот, што придонесува за збогатување на нејзината уметничка визија. Учеството на значајни настани како Salon d’Automne и Salon de Beauxarts во Париз и изложбите KUNST FOR ALLE во Копенхаген и Архус ја потврдуваат нејзината растечка препознатливост во светот на современата уметност. Нејзините дела се застапени во галерии во Данска, Грција и Австралија и се дел од приватни колекции ширум светот.