Култура
Грција си ги бара назад мермерите од Партенон, Египет – Нефертити, Либија – Аполон
Земјите-учеснички на дводневната конференцијата за антиквитети во Каиро усвоија листа на драгоцени реликвии што ги бараат назад од западните музеи, но без усвојување план за акција и иницијатива за измена на конвенциите на УНЕСКО
Конференцијата во Каиро на која се собраа земји што бараат да им бидат вратени артефакти што биле однесени во други држави заврши со листа на драгоцени реликвии што се сместени во западните музеи, но без усвојување план за акција.Како што јави австралискиот веб-портал news.com.au, на дводневниот состанок учествувале 25 земји, голем дел од нив поранешни колонии, кои трврдат дека во минатото им било украдено културно наследство. Домаќинот на конференцијата, шефот на египетскиот Совет за антиквитети, д-р Захи Хавас, соопшти дека седум земји составиле листа на артефакти што си ги бараат назад, а другите учеснички ќе ги состават своите листи во рок од еден месец.„Сметам дека одржавме историска конференција за сите земји што некогаш изгубиле артефакти. Се согалсивме да се бориме заедно. Културното наследство треба да се врати во неговата татковина. Седум земји составија листа на побарувања. Некои треба да се консултираат со своите влади, и тие ќе ги состават во рок од еден месец“, изјави Хавас, пренесува репортерот на news.com.au.Многу од реликвиите што се во листата се во музеите во Европа и Северна Америка. Египет бара да му се вратат шест предмети, меѓу кои се Каменот од Розета изложен во Британскиот музеј и декорациите од храмот Дендара од музејот Лувр во Париз.На грчката листа е колекцијата мермерни скулптури и декорации кои биле извадени од Партенон на почетокот на 19 век, однесени од Ерлот од Елџин, Томас Брус, британски амбасадор во времето на Османлиската империја.Сирија побарува пет реливкии од музејот Лувр, Либија ги бара назад статуата на Аполон од Британскиот музеј и женска статуа изложена во музејот Лувр.Меѓу другите земји-учеснички се Нигерија, Гватемала и Перу.„Очекуваме и други земји да ги презентираат нивни листи на побарувања. Дури тогаш ќе можеме да тргнеме и да се бориме. Ако некоја статуа е изложена во вашиот музеј, тоа не значи дека ја поседувате таа статуа. Таа ни припаѓа нам“, вели д-р Хавас.Од друга страна, конференцијата, прва од ваков вид, покажа слабост што не беше донесен акционен план за враќање на предметите. Домаќинот, д-р Хавас, ги опиша како „недоволни“ меѓународните правни рамки, но конференцијата не повика на усвојување амандман на конвенцијата на Обединетите нации за украдени антиквитети, која се однесува само на артефакти кои биле украдени по 1970 година, оценува репортерот на news.au.com .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

