Култура
Прва клапа на „Вишновата градина“ во Битола

Првата клапа на краткиот игран филм „Вишновата градина“ синоќа „падна“ во Домот на АРМ. Динамичност, ангажираност и многу работа го исполнија офицерскиот дом
од Цветанка Ристевска, ТВ Тера, Битола
,,Ќе си дозволам да се повторам за една работа, значи не сакам зборот да ми трча пред делото. Прва клапа, еден од најинтересните ликови во светската драматургија, најкомплексните. Љубов Андреевна се враќа од Париз, во случајов во овој концепт да се соочи со убиецот на својот татко и да прости. Значи голема задача исправена пред мене и што ќе биде, ќе биде“, вели Габриела Петрушевска, актер.,,Вишновата градина“ ќе се снима на повеќе локации во Битола.,,Овде во оваа сала ќе работиме три ноќи, но активно по 14 часа на ден што значи нормално да имаме малку простор и за одмор, затоа што навистина бара многу концентрација, големо внимание, прецизна и точна работа, не трпи ниту еден кадар, никаква импровизација и така ќе треба да внимаваме да ја завршиме работата така како што започнавме“, рече режисерот Гоце Димовски.Сите дела на Чехов ги обединува изразувањето на бескрајна љубов кон човекот и апотеозата на трудот како негова главна карактеристика. Трудот е една од главните вредности со кои треба, според Чехов, да се одликува човекот, за да може да се нарекува човек. Со многу труд режисерот ќе направи напор невозможното да се направи возможно. ,,Вишновата градина“ од Чехов да се смести во 15 минути:,,Но, возможно е да се направи еден храбар исчекор. Еве јас се одлучив на една таква работа, Вишновата градина да ја сместиме во 15 минути на едно филмско платно за првпат во светот, но тоа е наша, македонска ,,Вишнова градина“, што значи оригинален став со задржани мотивите на Чехов, неговиот стил, неговиот израз и неговиот дизајн. Со тоа верувам дека сме ја завршиле работата така како што сме ја испланирале, вели Димовски.Екипата која работи на филмот во македонско-српско-француско-бугарска продукција, синоќа на првата клапа ја посети и градоначалникот Владо Талески.„Вишновата градина“ е краткометражниот игран филм во македонско-српско-бугарско-француска копродукција чие снимање ќе се одвива во офицерскиот дом во Битола, на железничката станица и на крајбрежјето на Преспанското Езеро.Во „Вишновата градина“ главните улоги ги толкуваат искусниот и докажаниот актер Мето Јовановски и дебитантката на филмското платно Габриела Петрушевска. Гостите од Бугарија кои предходного посетија битолскиот градоначалник со одушевување гледаа на Битола, а беа задоволни и од големата поддршка од Талески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Недела на полски филм во Кинотеката на Северна Македонија

Кинотеката на Северна Македонија, во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организира настанот „Недела на полски филм“, што ќе се одржи од 12 до 17 мај 2025 година, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела ќе започне на 12 мај (понеделник) во 20:00 часот со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987), ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА(Green Border/Zielona granica, 1923) и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015)
Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.
Култура
Камерното трио „Анимато“ утревечер со јубилеен концерт „Квинтесенца“, влезот е бесплатен

По пет успешни години на музичко творештво и настапи на домашната и меѓународната сцена, Камерното трио „Анимато“ ќе го прослави својот јубилеј со свечен концерт насловен „Квинтесенца“. Настанот ќе се одржи утре, 12 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Даут Пашиниот амам во Скопје, во организација на Националната галерија.
Триото во состав Даниела Неделковска (флејта), Симона Марочковска-Манојловска (флејта) и Светлана Димитриевска (пијано), ќе ја претстави својата препознатлива уметничка енергија низ програма која вклучува дела од Доплер, Прокопиев, Илин и Шор.
Во текот на изминатите пет години, Трио Анимато се етаблираше како еден од најактивните камерни состави во Македонија, со настапи во земјата и странство, промовирајќи ја домашната музичка сцена и соработувајќи со бројни истакнати уметници и институции. Овој јубилеен концерт е заокружување на едно успешно поглавје и најавува нови проекти со уште поголема посветеност кон уметничкиот развој и културната промоција.
Влезот е бесплатен за посетителите, а љубителите на класичната музика се поканети да бидат дел од оваа музичка прослава и да уживаат во виртуозната изведба на триото кое го слави своето постоење токму таму каде што традицијата и современоста се сретнуваат – во срцето на Старата скопска чаршија.
Дополнителни информации за концертот може да се најдат на официјалните канали на Националната галерија и Трио Анимато.
Култура
Со книгата „Прличев и епската традиција“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Прличев

„Прличев и епската традиција“ е новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски, со чија промоција во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Григор Прличев.
Промоцијата на „Прличев и епската традиција“ од Митевски и чествувањето на 195-годишнината од раѓањето на вториот Хомер ќе се одржи утре, 12 мај (понеделник), со почеток во 19 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
„Книгата што е објавена годинава претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот. Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век“, велат од „Матица македонска“.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај. Покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти. Меѓу изданијата што овојпат „Матица македонска“ ги овозможи со исклучителен попуст се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Со цел книгата на македонски јазик, навистина, и натаму да е сѐ поприсутна во секој дом, попустот се однесува и на најактуелни изданија.