Култура
Недела на македонската култура во Отава

Во Канада во организација на Амбасадата на Република Македонија и македонските здруженија цела недела ќе се празнува во чест на македонските и европски просветители и светци, Светите Кирил и Методиј
Во престижната галерија „Канадијана“ во престолнината Отава по овој повод амбасадорот, Љубен Тевдовски, ќе ја отвори изложбата „Македониум“ на Димче Исаиловски, академски сликар од Македонија.
Амбасадорот Тевдовски ќе говори пред претставниците на дипломатскиот кор и канадските институции за „Културното и образовно наследство на Патроните на Европа во духовните корени и инспирациите на современите Македонски автори“. Во исто време, во Амбасадата на Република Македонија во Отава е поставена изложбата на уметникот Мајкл Клоз, исто така од македонско потекло.
Во Рамките на Македонската недела на Културата во Отава се планирани и проекции на филмови од македонски автори и продуценти, а по повод националниот празник ќе се одржи и средба со Македонците од Отава и Монтрел.
Во Торонто Амбасадорот Тевдовски ја отвори прославата на Македонско-канадскиот литературен клуб Браќа Миладиновци. Во оваа прилика тој им подари признанија на академскиот сликар Димче Исаиловски и академскиот сликар Георги Даневски, чие дело е црквата Св. Димитрија Солунски во Маркам, за која е отпочната процедура за здобивање на статус на културно наследство. Признание му беше доделено и на Македонско-канадскиот литературен клуб Браќа Миладиновци, кои како секција на Соборната црква Св. Климент Охридски во Торонто со децении придонесуваат за развојот на македонскиот литературен збор и култура во Канада.
Амбасадорот Тевдовски му подари на Литературниот клуб од Торонто и збирка на младинска литература и учебници во издание на Детска радост и Просветно дело.
Во црквата Св. Климент Охридски се одржуваат и свети богослужби во присуство на многу Македонци и амбасадорот Тевдовски и генералниот конзул Треневски. Богослужби ќе се одржат во сите македонски храмови во Канада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Дајте му Оскар додека сè уште знае кој е: семејството на Брус Вилис бара награда за актерот додека е жив

Брус Вилис беше еден од најпрепознатливите и најсакани актери во Холивуд во последните неколку децении.
Неговата кариера опфаќа разновидни жанрови – од напнати трилери и незаборавни акциони класици, до емотивни драми кои оставија длабока трага во филмската историја. Но, додека здравјето на 69-годишниот актер се влошува со брзо темпо, неговите најблиски сè погласно бараат неговото филмско наследство да биде официјално признато – додека уште може да го доживее тоа.
На чело на оваа тивка, но решителна борба за признание стои Деми Мур – поранешната сопруга на Брус Вилис и мајка на нивните три деца. Заедно со ќерките, веќе со години се обидува да ја убеди Американската академија за филмска уметност и наука да му додели почесен Оскар. Според извори блиски до семејството, фрустрацијата расте бидејќи, и покрај неговиот огромен придонес кон современата кинематографија, признание сè уште изостанува – признание кое, според нив, одамна му припаѓа.
„И таа и девојките веруваат дека придонесот на Брус за модерниот филм е неспорен. Сите знаат дека одамна заслужи таква чест, а времето истекува“, изјавил неименуван извор.
Она што ја прави оваа иницијатива уште поважна е здравствената состојба на Вилис. Во февруари 2023 година, неговото семејство објави дека му е дијагностицирана фронтотемпорална деменција – прогресивна и неизлечива болест која влијае на говорот, однесувањето и когнитивните функции. Претходно му беше дијагностицирана и афазија, што значително ја ограничуваше неговата способност за понатамошна работа.
По овие дијагнози, Брус се повлече од светот на филмот. Неговата последна улога беше во 2023 година, во филмот „Assassin“, каде што го играше шефот на воена корпорација. Иако повеќе не се појавува на филмски сетови, неговото име и понатаму е синоним за акциониот жанр, во кој беше пионер и еден од највлијателните актери.
Поретко, но болно, се појавува споредба со други холивудски великани, што дополнително ја засилува горчината кај семејството. Кога, на пример, Том Круз и Семјуел Л. Џексон добија почесни Оскари, семејството на Вилис не можеше да го сокрие чувството на неправда.
„Секако, Том има со што да се гордее – го врати народот во кино со ‘Top Gun: Maverick’, но Брус е подеднакво важен за историјата на акциониот филм. И тој има снимено класики“, вели изворот.
Тој додава дека е неправедно што Академијата годинава одлучила да ги награди оние што сè уште се активни, додека Брус, не по своја волја, е принуден да се повлече поради сериозна болест.
„Академијата згреши што ја истакна заслугата на Том, но не и на Брус. Тоа само го зголемува притисокот врз семејството да преземе нешто додека сè уште има време“, додава изворот.
Деми Мур и Брус Вилис беа во брак 13 години, но останаа блиски и по разводот. Нивната семејна динамика со години се истакнува како пример за пријателство и заемна почит. И додека Деми денес ужива во критичкиот успех на нејзиниот филм „Субстанца“, нејзината лична амбиција не го засенува она што го смета за своја мисија – поранешниот сопруг да биде овековечен додека е сè уште жив.
Култура
„Кларинетска одисеја“ со уникатната музичка четворка со светско реноме – утре на Бит Фест

Како нов начин на меѓуинституционална соработка, поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на повикот за креативни индустрии, публиката во Битола, утревечер во рамките на БИТ ФЕСТ, ќе има можност да го проследи концертот насловен „Кларинетска одисеја“. Овој настан е резултат на многу труд и соработка помеѓу Општина Битола, КИЦ, Народен театар и Центар за култура, а во својот концепт ќе понуди незаборавна вечер со најуникатната музичка четворка со светско реноме, четворицата мајстори на кларинетот: Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов.
„Ова е плод на едногодишно договарање, преговарање, со оглед на тоа дека сите четворица еминентни кларинетисти, имаат свои турнеи, свои аранжмани. Ова е концерт во кој ќе бидат презентирани значењето, можноста и иднината на вакви заеднички концерти во Општина Битола и се надеваме дека БИТ ФЕСТ догодина ќе го претвориме и во фестивал на амбасадори на културата на Македонија и Битола“, рече Благојче Божиновски, директор на ЈОУ КИЦ Битола, на денешната прес конференција.
Градоначалникот Коњановски, ја повика публиката на заедничко уживање во Хераклеја, утревечер од 21.00 часот, нагласувајќи дека, Битола е град кој има публика за вакви манифестации.
„Ова е најава на еден спектакуларен концерт на наши виртуози, наше, а светско, именувано како „Кларинетска одисеја“, настан кој во склоп на Битолското културно лето е продолжение на она што оваа летна сезона го видовме досега. Сеуште сме под импресии на огромниот интерес на концертот на еден друг тип на музика, електронска музика со Армин Ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој се одржа на огромно задоволство на публиката. Она што утревечер ќе го имаме, значи многу за Битола и битолчани, имајќи предвид дека со нас се битолчани и велешанец кои ќе ни презентираат дел од нашето национално богатство и заедно со онаа креативност која ја носат, навистина е гордост да се биде утревечер на Хераклеја“, рече Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
Главен координатор на содржинскиот концепт на настанот е Оливер Јосифовски, кој истакна:
„Нивните животи и достигнувања се многу интересни, како и нивните растежи во музиката. И тоа е навистина интересно кога човек ќе биде заедно со бендот. Присуството утревечер на Хераклеја и самите музички теми кои што ги обработувавме овие месеци и последниве седмици посебно, нас ни вродија една нова музичка материја, врзана со времето во кое живееме, но исто овие луѓе носат и една богата музичка традиција и се културни амбасадори, во земјите во кои што се наоѓаат, онаму каде што патуваат, но и кај нас. Заедно со хорот на Марина Коруновска, кој што ќе биде дел од настанот ќе имаме едно спектакуларно доживување за утрешниот концерт“, рече Јосифовски.
„Во Битола навистина имаме една културна револуција во моментот и сите сме вклучени на некаков начин, со што имаме и инспирација да работиме и да соработуваме со вакви уметници кои што ги покажуваат своите квалитети надвор од Македонија и ја претставуваат Македонија во најдобро и најубаво светло преку музиката и она што тие го етаблираат во светот за Македонија, имаме можност сега и ние како хор „Коруновска Арс Нова“ да бидеме дел од овој проект“, рече Марина Коруновска, која најави дека концертот ќе биде спој на вокалната и инструменталната музика, преку симбиоза на македонска прекрасна музика.
„Многу сум среќен, што во Битола и во Македонија, постојат луѓе кои што ја препознаваат моќта на уметноста. Ние уметниците сме како едно цвеќе, ние зависиме од народот, а народот зависи од нас. Сами не можеме да придонесуваме во општеството, колку што човек може да го направи тоа со заедништво. Македонија има публика која препознава кое цвеќе треба да се вади. Уметноста не е забава, таа е многу повеќе од тоа“, рече Благој Ламњов.
„Годинава доаѓаме тука со веселба, со среќа. Со овие мои колеги, после 20 години, повторно се вратив во детството. Со Исмаил и Благојче растевме заедно и вежбавме некаде во визбите на Музичкото училиште, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беа толку големи што би рекол Бог, повторно не здружи заедно“, рече Горан Бојчевски.
„Ова нема да биде само обичен концерт. Ова ќе биде настан кој изобилува со многу емоција, затоа што сите ние кои ќе бидеме како солисти на сцената, имаме многу спомени низ годините наназад, иако доста време не сме се виделе. Сепак растејќи во Битола и преку нашето образование, ние имаме многу спомени, многу приказни за она што сме го доживувале заедно. Затоа овој концерт има една посебна емотивна нишка која што ќе не води низ целиот настан. Пробите поминуваа со солзи, а сигурно и утре ќе има по некоја солза, во чест на сите оние среќни моменти кои сме ги доживеале некогаш и ќе ги доживуваме утре“, рече Благојче Трајковски, нагласувајќи дека БИТ ФЕСТ е најголемото културно летно случување во нашата држава и тоа треба да се потенцира и да се означи како еден пример како треба да функционираат општините и сите градски центри во државата.
„Мислев дека немавме толкав капацитет сите овие врвни уметници од светот да дојдат и да се соберат во еден ден. Но, ова е голем и волшебен момент. Кларинетот има сила која што ги поврзува луѓето. Кога ги спојуваме силите, цел свет може да не препознае, затоа што ние имаме традиција за овој инструмент. Ќе биде навистина голем спектакл“, рече Исмаил Лумановски.
Репертоарот на концертот „Кларинетска одисеја“ ќе понуди разновиден музички мозаик составен од традиционални, класични и модерни теми, меѓу кои: „Ако одам во Битола“, „Lily – Waltz for Chicago“, темпераментното „Flamenco“, виртуозното „Стамболско“, емотивната „Schindler’s List“, спојот на „Калеш Анѓа“ и „Калајџиско“, потоа „Кољо“, динамичното „Касапско оро“, „Sheva“, делото на Вивалди, како и композициите „Зејтинлиско“, „Пелистерско“, „Етно Via Bairot“, „EZ Pass“, како и други композиции кои произлегуваат од македонскиот фолклор..
Покрај четворицата виртуози кои ја водат оваа музичка одисеја со своите кларинети и хорот „Коруновска Арс Нова”, на сцената ќе настапат и врвни музичари кои ќе ја збогатат звучната слика на концертот: Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Оливер Јосифовски на бас, Алек Секуловски на тапани, Зоки конги, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан.
Особено емоционален момент ќе внесе и делот збогатен со поезија насловен „Елегии за кларинетот“, чиј автор е Зоран Пејковски, а ќе бидат изведени од актерката Јулијана Мирчевска.
Култура
„Принцезата Ксенија од Црна Гора“ на Охридско лето: приказна за егзилот и траумата на малите народи и култури

Култната театарска претстава „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ во адаптација и режија на Радмила Војводиќ, а во изведба на Црногорскиот народен театар од Подгорица вчеравечер беше на драмскиот репертоар на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.
На сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ играа Варја Џукиќ, Ана Вучковиќ, Дејан Иваниќ, Изудин Бајровиќ, Горана Драгашевиќ, Александар Радуловиќ, Јелена Лабан, Слободан Маруновиќ, Душан Ковачевиќ, Лазар Ѓурѓевиќ и Нада Вукчевиќ. Драматург на претставата е Божо Копривица, сценографијата е на Марија Калабиќ, а костимите ги изработи Борис Чакширан.
Истакнатата црногорска режисерка и драмска писателка Радмила Војводиќ, оваа драма ја поставува вторпат, во 1994 година и годинава, по три децении од првата изведба.
-Принцезата Ксенија ја работам вторпат и во секој случај станува збор за вонредна ситуација, од една страна затоа што сум автор на драмата а воедно и режисер, и не е чудно кога работите друг автор, но кога по вторпат ќе се најдете во некоја транспозиција, малку е чудно и има поголема одговорност , повеќе предизвици и поголеми ризици. Во подготовката се одлучив на некој начин да се контекстуализира тој театар и театарското искуство со претходната Ксенија и во таа смисла да допишам нешто, да го вклучам тоа во некој вид пролог и тоа отвори сосема нов пристап со самото тоа што е контекстуализиран самиот театар и театарското искуство. Така, има и глумци кои играа во првата претстава и сега, пред сè Варја Џукиќ која тогаш ја играше младата Ксенија, а сега ја игра старата Ксенија. Тоа создаде голема одговорност бидејќи претставата беше преполна, се играше во тие тешки времиња, во 1994 година, а и понатаму, и се бараше карта повеќе. Тоа е огромна одговорност но и некој вид дијалог на таа претстава со сопственото време што се случи преку прологот што го напишав. И самиот приод претставува еден вид театарски омаж но и еден критички дијалог со реалноста и современието, вели авторката и режисерка Војводиќ.
Претставата обработува теми за егзилот и траумата на малите народи и малите култури. Го отвора прашањето за контроверзноста на политичката моќ врз малите народи што е актуелно и денес, токму преку гласот на црногорската принцеза Ксенија кој останува жив и во современието.
-Темата е несреќата на една мала држава и на еден мал народ која постојано се повторува и се однесува на овие простори. Верувам дека приказната, не само во Црна Гора и во Македонија, туку на темата внатрешен егзил може да комуницира универзално. Значи, не станува збор само за несреќата на црногорскиот народ, туку и на сите мали народи бидејќи ние одново и одново мораме да се докажуваме и да започнуваме од нула. Тоа е судбината на малите народи и малите култури.Приказната е и химна на политичка непослушност на една жена со која можеме да се идентификуваме и во денешно време, приказна за тоа колку политиката може да биде деструктивна, немилосрдна, колку може да ги раздвои и да ги осами луѓето, појаснува Војводиќ.
Радмила Војводиќ е автор на повеќе драмски текстови. Режира текстови од класичната и современата драматургија и авторски драмски адаптации во театарските куќи во Црна Гора, Србија и Хрватска. Нејзините претстави се едни од најгледаните и најнаградуваните на голем број фестивали.