Култура
Канската Златна палма за талјандскиот „Oncle Boonmee….“

Филмот со оригинален наслов „Oncle Boonmee…“ на тајландскиот режиесер Апичатпонг Веерасетакул е годинашниот добитник на Златната палма на меѓународниот филмски фестивал Кан 2010
Големата награда на жирито, пак, со кое годинава претседаваше холивудскиот режисер Тим Бартон, му е доделена на францускиот режисер Ксавие Бовуа за филмот „Луѓе и богови“ во кој ја раскажува трагичната судбина на седумте монаси од Тиберин, киднапирани и убиени во 1996 г. во Алжир. Француската актерка Жулиет Бинош ја доби Златната палма за најдобра женска улога во филмот „Верна Копија“ на иранецот Абас Киаростами. Наградата за режија ја доби французинот Матјо Амалрик за неговиот прв филм „Турнеја“ во која ја игра и главната улога. Хавиер Бардем ја доби Златната палма за најдобра машка улога во филмот „Биутифул“ на Алехандро Гонзалес Инариту заедно со Елио Германо во италијанскиот филм „Нашиот живот“Златана аплама за сценарио ја доби еден од фаворитите Ли Чанг-Донг за „Поезија“, додека наградата на жирито ја доби Махамат-Салех Харун од Чад за „Еден човек кој вреска“ . Златната камера му беше доделена на Микаел Роув за филмот „Претстапна година“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Азиска премиера за „Јон Вардар против Галаксијата“

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе ја доживее својата азиска премиера на крајот на месецов, на 11. издание на Bakunawa Film Festival во Манила, Филипини.
Фестивалот го носи името на „Бакунава“ – митска морска змија од филипинскиот фолклор за која се верува дека предизвикува затемнувања на месечината, и е специјализиран за жанровски филмови: научна фантастика, хорор и анимација. Со проекции, работилници и семинари, Bakunawa Film Festival претставува една од највлијателните платформи во регионот за промоција на жанровскиот филм.
„Чест ми е што филмот ќе биде прикажан токму на фестивал кој го носи името на едно толку моќно и мистично суштество од фолклорот. Пред десетина години работев на проект каде што главниот негативец беше исто така огромна морска змија, па ова го сметам за еден вид митска коинциденција. Инаку, имаме уште неколку селекции во Азија кои дополнително ќе ги објавиме“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Јон Вардар против Галаксијата“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор. Азиската премиера во Манила претставува уште еден значаен чекор во неговото глобално патешествие.
Култура
Овации за ангелските гласови од српскиот хор „Свети Серафим Саровски“

Српскиот машки хор „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин вчеравечер беше посебно доживување за публиката на „Охридско лето“ во рамките на традиционалната Српска вечер на фестивалот.
Кристалната чистота што прозвучи од седумте грла на овој вокален ансамбл, совршено се вклопи во акустичниот сакрален амбиент на „Света Софија“. Програмската лепеза содржеше седумнаесет нумери, руски и српски, световни и духовни, далматински, а изненадување за слушателите кои ги наградија членовите на хорот со долги и бурни ракоплескања беше и изведбата на македонската народна песна „На Струга дуќан да имам“.
-Одлучивме на публиката во овој прекрасен храм да ѝ се претставиме со различна програма, пред сè, духовни композиции од руски и српски автори. Тоа е нешто што ја прави основата на нашиот репертоар, имајќи предвид дека хорот „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин, Србија, оваа година одбележува 35 години од постоењето. Тоа е дел од репертоарот што ние многу долго и многу често го негуваме посветено. Освен тоа, имаше и неколку обработки на руски народни композиции. Целата музика беше прилагодена на црковниот амбиент. Публиката имаше можност да слушне и две далматински клапи кои говореа за животот, љубовта, минливоста и слично. Самиот крај беше посветен на неколку обработки на српски народни песни.Сметавме дека треба да има разноликост во нашиот репертоар бидејќи знаеме дека во публиката има многу туристи кои доаѓаат од различни краишта и сакаат да слушнат нешто што е невообичаено за еден ваков мал машки хорски состав, вели диригентот на хорот „Свети Серафим Саровски“, Божидар Црњански.
Хорот „Св. Серафим Саровски“ го сочинуваат седум професионални хорски пејачи со повеќедецениско искуство, со волја и идеја наследена од првите основачи на хорот, кои на радост на публиката продолжуваат да ѝ ја даруваат убавината на хорската песна од разни жанрови и стилови – од духовни дела, преку староградски песни и популарна музика создадена за најубавиот инструмент – човечкиот глас.
Култура
Битолски театар ќе игра претстава на отворено на 2.218 метри надморска височина на Пелистер

На 2.218 метри надморска височина утре, 9 август, љубителите на планината, природата и театарската уметност ќе имаат ретка можност, 26 – тата изведба на претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ да ја проследат на Големо Езеро, Пелистер.
Вечерта на небото над Големо Езеро ќе има полна месечина и актерите ќе настапат на природна сцена. Јавната установа Национален парк Пелистер, во соработка со Народниот театар – Битола и Битолскиот камерен оркестар, со поддршка на Општина Битола, организира уникатен културен настан на несекојдневна локација – театарска претстава на отворено.
Под светлината на полната месечина, публиката ќе има можност да ја проследи драмската претстава во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во претставата заедно со актерот Александар Копања.
Музиката за претставата ќе биде во живо во изведба на членови од Битолски камерен оркестар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Претставата почнува во 21:30 часот. Посетата е со претходна пријава, бројот на посетители е ограничен.
Пристап до локацијата: По некатегоризиран пат (15 км) од Информативниот центар на Пелистер (1350 м.н.в.), или по патека од С. Ниже Поле преку Дебел рид, со тежина од втора категорија.
Важно за посетителите: Поради специфичните природни услови и безбедносните протоколи (вклучително и важечката забрана за движење во шума), присуството е дозволено само со претходна најава, независно од начинот на пристап. Се препорачува соодветна планинарска опрема: Високи обувки, повеќеслојна облека (јакна, капа, ракавици), челна ламба и кутија за прва помош, храна и минимум 2 литри вода. Температурите за време на настанот ќе се движат меѓу 11–13°C.
Пријавување и дополнителни информации на телефон: 070312214