Култура
Шесто издание на Астерфест
Со симпозиумот „Кинематографските проблесоци во Струмичко”, со модераторство на Илинденка Петрушева, фотоизложбата „Движење” на Роберт Јанкулоски и проекција на филмот „Љубов за летање” на неодамна починатиот автор Драги Савевски, во Струмица во четврток започнува годинешново издание на Астерфест
Свеченото отворање на Астерфест е закажано за вечерва, во 20 часот, во Домот на АРМ во Струмица, со свечени обраќања на покровителите и со доделување почесни признанија на Мигел Ермосо од Шпанија, на Боро Драшковиќ од Србија и на Жарко Рардиќ од Хрватска. За таа пригода планирано е да се обратат Неговата екселенција амбасадорот на ЕУ – Ерван Фуере, Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Веднаш потоа, првпат во Струмица, ќе се случи проекција со најновата ХД технологија, и тоа на кратките филмови: играниот „Крајот на светот“ на Јани Бојаџи (Македонија), документарниот „Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева (Германија) и анимираниот „Џералдовиот последен ден“ на Џастин и Шел Раш (САД). Филмската вечер продолжува во 22 часот, со проекција на документарците во компетиција „Звукот по луњата“ (Швајцарија), „Шеќерен град: ден потоа“ (Грција) и „Албертовата зима“ (Данска).
Официјалното меѓународно жири кое ќе одлучува за наградите е составено од режисерите: Боро Драшковиќ, Марија Перовиќ и Карпо Година.
Фестивалот продолжува во четврток, со исто така мошне богата агенда. Во 10,30 часот е планирано претставувањето на ДВД-то „Пет кратки филмови” и брошурата „Астерфест – 5 години потоа” низ промотивната реч на Сунчица Уневска, а потоа е блокот на словенечки кратки филмови во кураторство на Влатко Галевски. Оваа година во Мувиленд програмата се предвидени кратките филмови од Словенија: „Ловец на облаци“ на Миха Книфиц, „Братучетка“ на Каја Тохукиса, „Ден во Венеција“ на Рок Бичек, „Е-свињи“ на Петар Пашиќ, „Опиена од животот“ на Маја Сенекович и „Знам“ на Јан Цвиткович.
Веднаш потоа, во 12,00 час. ќе биде прикажан блокот “Шведски бисери” со кратките филмови: „Јаболко“ на Јонас Рудстром, „Денсен“ на Ана Линдер и „Натрапник“ на Даниел Виртберг кој од Шведска допатува на фестивалот. За 12,30 часот е планирано започнувањето на интензивниот воркшоп за правење документарци со учество на неколкумина истакнати документаристи, меѓу кои и познатата Астрид Бусинк од Холандија.
Вечерната ударна програма продолжува во 19,00 часот со документарците во компетиција: „Куќа 149“ на Луси Каје од Велика Британија, „Провинција 35х45“ на Евгениј Соломин од Русија и „Битка за реката“ на Бен Кемпас од САД/Германија. Како ревијален куриозитет, во 21,00 часот, е планирана специјална проекција на најгледаниот црногорски игран филм „Гледај ме“ на Марија Перовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

