Култура
Гарванлиева – најдобар македонски автор на Астерфест
„Албертовата зима“ од данскиот режисер Андреас Коефоед се закити со наградата „Старозлатен проектор“ на шестиот Астерфест во Стумица; рускиот филм „Провинција 35х35“ ја доби Гран При наградата „Златна потковица“
Со проекција на наградените филмови во НУЦК Антон Панов во Струмица, синоќа, заврши петдневниот празник на филмот Астерфест во чии рамки можеа да се проследат педесетина странски и домашни документарни, играни и анимирани филмови од кои десет се закитија со награди.
Жирито едногласно одлучи во категоријата Астердокс за креативни документарци под 30 минути, наградата Старозлатен проектор да му се додели на „Албертовата зима” во режија на Андреас Коефоед од Данска, за крајно личниот пристап кон темата за растењето при што камерата станува не само набљудувач туку и субјективен поглед на детето во вешто испреплетените документаристичко-наративни елементи за најважните прашања на постоењето.
Во категоријата Астердокс за креативни документарци над 30 минути, Гран При или Златна потковица доби „Провинција 35х45“ на режисерот Евгениј Соломин од Русија за сугестивен, визуелно-уметнички доминантен пристап на транзициското секојдневие во просторите кои се гранични во сите свои историски периоди. Забележаните фотографии на пасошите се испреплетени животни судбини на луѓе на коишто едно патување им е патување на сопствените животи и судбини. Филм кој со својата емотивност во најубав уметнички контекст покажува дека фактите се често појаки и поапсурдни од испишаната фикција.
Сребрената потковица му припадна на филмот „Довидување, како сте?“ во режија на Борис Митиќ од Србија за необичен и консеквентен авторски пристап во кој низ контрапунктот на визуелната и аудио нарацијата суровата балканска реалност се третира на сатирично-иронично духовит и забавен начин.
Наградата Бронзена потковица му припадна на филмот „Погледни го животот низ моите очи” на режисерката Марија Џиџева од Македонија за ангажиран третман на еден проблем во современото македонско општество, низ поетско, суптилно и вонвременско проседе.
Во категоријата Глобална фикција (кратки играни филмови) на светски автори, базирани на универзални мотиви, единствената награда му се додели на филмот „Сакано дете” во режија на Даниел Виртберг од Шведска за метафоричниот и визуелно сугестивен пристап кон темата на отуѓувањето во современото семејство.
Официјалното меѓународно жири на 6. Меѓународен филмски фестивал Астерфест, беше составено од режисерите: Боро Драшковиќ (претседател на жирито), Марија Перовиќ и Карпо Година.
Специјалното жири во состав: Евгенија Теодосиевска, Сунчица Уневска и Влатко Галевски донесе одлука за доделување на неколку специјални награди. Наградата за најдобар краток словенечки филм во програмата “Мувиленд” му се додели на “Ловец на облаци” на режисерот Миха Книфиц, заради супериорноста во дизајнот и суровата поетика со која ни е предочена апокалиптичната иднина. Заради опоменувачката порака до човештвото да не си поигрува со законите на природата и воспоставениот еколошки баланс.
Наградата за најдобар краток анимиран филм во програмата “Анимак” ја доби “Исповедта на Садуј” на Хуан Хозе Сурас од Шпанија, заради извонредниот спој на анимација и идеја, најсилната шлаканица на лицемерието на црковните канони и первертираниот морал. Вознемирувачки седум минути за колапсот на етичките принципи.
Специјално признание за анимиран филм се додели на “Внатре” на Иван Ивановски од Македонија, заради длабинско проникнување во интимата на душата и просторот, за постигната хроматска и графичка рамнотежа помеѓу објектите и камерата. Високософистициран минимализам.
Наградата “Ацо Алексов” за најдобар македонски автор се додели на Билјана Гарванлиева за филмот “Девојчето што бере тутун” од Германија заради чистиот филмски израз, прецизноста и топлината во кадрирањето и заради тоа што се работи за ретко креативен и истражувачки документ, како временска конекција на минатото и сегашноста. Гарванлиева го допира моментот кога времето застанува.
Специјално признание за македонски автор жирито му додели и на Јани Бојаџи за филмот “Крајот на светот” од Македонија, заради тоа што успева да ја долови идејата низ интересниот баланс на бои со кои постигнува визуелен ефект и конзистентност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

