Култура
Данчо Кал’чев со изложба во Софија
Изложбата „Генезис“ на современиот македонски сликар Данчо Кал’чев ќе биде поставена во вторник, во КИЦ на Македонија, во Софија, а ќе ја отвори ликовниот критичар Златко Теодосиевски
Со изложбата „Генезис“, Кал’чев мајсторски се осврнува на енформелот и апстракцијата. Основната тема може да се преведе според самиот автор како создавање, почеток или раѓање, но воедно подразбира и спротивности како распаѓање…, вечната промена која владее во природата, процес кој се рефлектира и врз сите аспекти од човековиот живот.
„Наговите слики брилијантно како да не враќаат 14 милијарди години назад, во самата суштина на материјата, во создавањето ред во хаосот – или хаос во редот!(?).Дури и во најдобрите години на македонскиот енформел и сликарството на материјата не сме можеле да видиме толку силни, евокативни, згуснато експресивни, косеквентно материјализирани дела“, вели ликовниот критичар Златко Теодосиевски за делата на Кал’чев.Данчо Кал’чев е роден во Скопје 1957 година, каде што дипломира на Педагошката академија во класата на сликарот Ванчо Георгиевски, 1984 година дипломира и на Факултетот за ликовни уметности во класата на Димитар Кондовски. Денес живее и работи во Гевгелија. Член е на ДЛУМ од 1984 год.
Со свои дела се преставил со осум самостојни изложби во Македонија, Германија, Австралија, учествувал и во над петнаест групни изложби во земјата и странство. Ликовната критика го смета за еден од најреномираните македонски сликари од средната генерација.
Данчо Кал’чев за прв пат се преставува со самостојна изложба во Бугарија. Изложбата ќе ја отвори ликовниот критичар и историчар на уметноста ЗлаткоТедодосиевски, а е во организација на КИЦ на Македонија и Асоцијацијата за култура и уметност „Нова линија“ од Скопје со подршка на Министерството за култура во рамките на меѓународната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

