Култура
Монографија за средновековно Скопје
Во рамки на манифестацијата „Скопско лето“ беше промовирана монографија за средновековно Скопје – „Скопје и скопската област од VI до крајот на XIV век“ од д-р Милан Бошкоски, која е во издание на скопското книгоиздателство „Македонска реч“
Овој труд од научната јавност е оценет како особено значаен, зашто досега не било доволно проучувано стратегиското и геополитичкото значење на Скопје во средниот век и во византолошката и медиевистичката наука во светот и кај нас не е објавен исцрпен историографски труд за историјата на градот од шестиот до 14 век. Тој бил значаен административен центар за Самоиловата држава, за Византиската империја, како и за македонските независни кралеви Волкашин и Марко од 1369 до 1391 г., односно до паѓањето под османлиска власт, вели издавачот на ова импозантно научно дело.Проф. д-р Милан Бошкоски на денешната промоција рече дека во делото се опфатени сите периоди а најтемен, како што вели, е периодот од VI до средината на VIII век, затоа што нема доволно пишани податоци. Но Бошкоски нагласи дека максимално се искористени археолошките, монетите како движни наоди, кои покажуваат присуство на разни етнички структури.„Градот Скопје под ова име првпат се појавува во втората половина на IX век во пишаните извори. Во X век почнува поголема циркулација на податоци за градот Скопје. Во пишаните извори првпат околу 990 г. Скопје се спомнува како епископски центар во престолите на Преспанската архиепископија. Во периодот на македонскиот цар Самоил (969-1018) и неговите наследници градот Скопје игра значајна улога како прва одбрана од северните тортури на македонското царство. Потоа, од XI век, тој претставува значаен византиски, административен, културен и политички центар“, рече Бошкоски.Градоначалникот Коце Трајановски истакна дека со новите податоци што се понудени во овој труд, книгата има посебна вредност и е драгоцена за афирмирање на минатото и на сегашноста на градот и дека сведочи дека Скопје имал долга бурна историја и бил од голем геополитички интерес за сите општествени заедници на кои им припаѓал во средниот век.Академик Цветан Грозданов претставувајќи ја монографијата рече дека методолошки таа се потпира на два принципа, критичност и интердисциплинарност.„Авторот е професионално многу информиран, зашто покрај историски, во книгата има и податоци од археологијата, историјата на уметноста, историјата на црквата. Критичен е зашто не е романтичар и по секоја цена да застапува некоја идеологија, туку ја бара вистината“, рече Грозданов.Проф. Драги Митревски кој ги води археолошките истражувања на средновековната скопска тврдина – Кале, смета дека оваа книга е рамка за нив и дека за фактите во книгата илустрација може да се најде на самото Кале. Промоторот Данило Коцевски потенцираше дека монографијата е синтеза на сиот досегашен објавен материјал и дека се базира на релевантни извори од кои може да се добие валидна слика за градот од VI до XIV век.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

