Култура
Русија и Косово победници на Актерот на Европа
Наградата за најдобра театарска претстава и припадна на претсавата КАСАНДРА, која што е меѓународна копродукција на Фестивалот Експонто (Љубљана), Фестивалот Теута (Котор), Фестивалот МОТ (Скопје), Фестивалот ИНФАНТ и СНП (Нови Сад), по текст на Љубо Ѓурковиќ и во режија на Слобо Милатовиќ
Осмото издание на Интернационалниот театарски фестивал “Актерот на Европа”, кој оваа година имаше исклучително богати содржини, полека но сигурно се трансформира во театарска манифестација која зближувајќи ги трите земји и трите јазици на Преспанкото Eзеро поделено меѓу Грција, Албанија и Македонија, ја претвори митската убавина на Преспа во сценски простор во кој што беа остварени врвни уметнички презентации на 11 претстави, кои што се вистински мостови на зближувањата на театарските традиции на Балканот со Европа и целиот свет.Синоќа Претседателот на интернационaлното жири, кој воедно е и потпретседател на агенцијата НЕТА за соработка меѓу театрите на Југо-Источна Европа, Благој Стефановски, пред многубројната пубика ги соопшти наградите кои беа донесени со едногласна одлука на жирито и кои беа поздравени со големи овации на многубројната публиката.Наградата за најдобар актер ја понесе Ментор Зиберај од Косово за изведбата на претставата “Актер во кутија”, која е негово комплетно авторско остварување, додека наградата за најдобра актерка ја понесе Ирина Евдокимова од Русија за изведбата на претставата “Тажна ноќ”, која што претставува музичко-поетски перформанс, базиран врз опусот на Иван Бунин и Сергеј Рахмањинов, а во изведбата покрај Ирина Евдокимова учествуваше и Димитри Малцев како пијано придружба.Наградата за најдобра театарска претстава и припадна на претсавата КАСАНДРА, која што е меѓународна копродукција на Фестивалот Експонто (Љубљана), Фестивалот Теута (Котор), Фестивалот МОТ (Скопје), Фестивалот ИНФАНТ и СНП (Нови Сад), по текст на Љубо Ѓурковиќ и во режија на Слобо Милатовиќ.Награда за животно остварување му беше доделена на легендата на албанскиот театар Димитри Орготска кој што ја изведе претставата “Самоубиство на цвеќиња”.Оваа година првпат беше воведена и специјална награда “Жак Лакариер” на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА за посебно остварување во доменот на аудиовизуелната изведба, која и беше доделена на претставата од Арас, Франција “Те сакам Васлав Нижински”.Организатори на фестивалот беа Здружението на граѓани „Езеро без граници”, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Фестивалот се одржа благодарение на несебичната помош на генералниот спонзор Аквапура хотелс, вилас анд спа од Португалија, како и домашните помагатели Тиквеш, Графопром, Рено, Витаминка, Стрежево, Здружението на граѓани Светски релации и весникот Јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

