Култура
Скромно, но квалитетно Охридско лето
Забелешките главно се упатени на скромноста на фестивалот, не на квалитетот.
Отворањето на јубилејното 50-то издание на Охридско лето помина спектакуларно. Настапот на Симон Трпчевски со Рускиот национален оркестар со кој диригираше маестралниот Михаил Плетњов ја воодушевија публиката. Овој почеток е ветување за уште едно успешно издание на можеби најважната културна манифестација во државата. Но дали програмата соодветствува со одбележување на половина столетие од постоење на една ваква манифестација?
„Економските можности и самиот буџет покажуваат дека станува збор за една скромност во услови на голема светска криза. Но ние се приспособивме на тоа за да направиме програма која, сметаме, дека ќе соодветствува на овој јубилеј и достојно ќе не’ претстави. Се вложи голем труд за да се осмисли програма што ќе соодветствува на овој голем јубилеј и достојно ќе го презентира фестивалот – изјави в.д. директорот на Охридско лето, Васил Зороски на прес конференцијата пред почетокот на фестивалот„Секоја година имавме по три-четири звучни имиња, но годинава за секоја вечер имаме по еден голем уметник кој до сега настапувал во рамките на Охридско лето. Затоа и ова издание е во знакот на ретроспективата, односно пресек за сработеното, до сега имавме 76 врвни уметници. Некои од нив повеќе не се меѓу нас, некои повеќе не концертираат, затоа ги донесовме тие кои што се активни на светската музичка сцена. Во однос на квалитетот на програмата, за него треба да кажат оние кои се стручни односно оние кои се музички образовани. Многу квалитетно и исцрпно се работеше на годинешната програма. Воопшто не се за потценување звучните имиња што ќе настапат на фестивалот. Па ниту за Михаил Плетњов никој не знаеше дека добил Греми награда да не беше немилиот настан што се случи поврезан за неговот име ,“ изјави за порталот на „Форум“ Гордана Јосифова-Неделковска. Снежана Чадиковска поранешен селектор на фестивалот “Охридско лето”, уредувач на монографијата за 50-годишниот јубилеј на фестивалот за програмата што јубилејното издание на фестивалот ја нуди изјави:„Имавме спектакуларно отворање на фестивалот како што не можевме да видиме до сега. Квалитетот на програмата апсолутно одговара на ова јубилејно издание. Имаме малку вечери со големи ансамбли, но со оглед на рецесијата, и ова е добро.“И според претседателот на Управниот одбор, Зоран Вељаноски, програмата е соодветна за јубилејот. – Управниот одбор ја усвои програмата и смета дека таа е достојна за педесеттиот јубилеј на фестивалот. Сето тоа е во рамките на годинашниот буџет, односно во рамките на средствата со кои располага фестивалот – рече Вељаноски.Најмногу учесници од странство ќе има во музичкиот дел од програмата. Ќе настапат музички уметници од Русија, Словенија, Египет, Австрија, Франција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

