Култура
Паѓаме на дребности

Охридско лето, Двеилјади десетто
И таман помисливме дека по утрото денот ќе се познае, што ќе рече дека според спектакуларното отворањето на 50 тиот фестивал Охридско лето организаторот барем ќе се обиде да го задржи нивото, значи само два дена потоа, најавената балетска премиера замислена како интернационален проект под наслов ,,Европа сега, Европа без граници,, доживеја потполно фијаско.Прво, претставата беше закажана за среда, 14 јули во 21 часот на сцената на Долни сарај. Датумот (за среќа) остана ист, но без никакво образложение ниту видлива известување претставата беше преместена во Античкиот театар. Така, претпоставуваме дека барем половината публика најпрвин се прошетала до Долни сарај за таму да разберат дека треба да пропешачат до Антички. Се разбира, претставата мораше да почека повеќе од половина час поради преселбата на луѓето што платиле билети. А наша проценка е дека се собраа едвај двесте луѓе.Втората утка беше програмата, односно она парче хартија кое вообичаено треба да го добиете при влегувањето, за да знаете што и по кој редослед ќе гледате. Или барем да има најава во живо од водител. Ниту тоа! Вака, на сцената (патем ужасно осветлена) излегоа прво двајца во бело, одиграа некаков танц на музика од виолончело и си заминаа, Добија аплауз, но никој не знаеше од каде се уметнициве и на која музика танцуваа. Потоа излегоа петмина балетски играчи во урбана гардероба, се разбира и тие беа добри и добија аплауз ама кои се и одкаде се остана тајна. И така, на сцената се сменија шест групи танчери, повеќето играа модерни кореографии, но кои беа Украинците, кои беа Грци, кои Французи, или Италијани, Португалци, а кои нашите, за публиката остана неодгатлива тајна. Само на крајот се чини разбравме или нагаѓавме дека беа нашите, според музиката на Драган Даутовски? Понижувачки анонимен настап на балетски уметници од 6 земји, потценувачки и понижувачки однос кон присутната публика. И воопшто не е безобразно ако би сакале навистина да знаеме колку пари го чини фестивалот оваа ,,претстава,, колку е потрошено за доаѓањето и престојот на уметниците (околу триесетмина) во Охрид.Тотален организационен аматеризамИ, насловот на овој проект ,,Европа сега…,, е како самите да си врзуваме шлаканица. Зарем вака во Европа? Сега, тешко! Понатаму…?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Ајде, слушаш слушај…“ одекна во Белград, македонската култура доби свој дом

Со свечена програма насловена „Ајде, слушаш слушај…“ синоќа во Белград беше отворен македонскиот Културно-информативен центар – новото седиште на македонската култура, јазик, уметност и традиција во српската престолнина.
На отворањето присуствуваа бројни гости од културниот и политичкиот живот на двете земји, а свои обраќања имаа потпретседателот на македонската влада Иван Стоиљковиќ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчевски и директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Министерот Зоран Љутков во своето обраќање истакна дека отворањето на Културно-информативниот центар во Белград претставува значаен чекор напред во билатералната соработка на културно поле.
„Да се отвори македонски културен центар овде во Белград, токму на улица која го носи името ‘Македонска’, не е само случајност, ова е и порака и сведоштво дека културата ги поврзува не само државите туку и луѓето“, рече Љутков.
Тој нагласи дека центарот ќе биде духовен дом за македонската заедница во Србија, но и место отворено за сите што сакаат да ја запознаат македонската уметност и традиција.
„Овој центар ќе биде и духовен дом за македонската заедница што живее и создава во Србија – место каде што ќе се негува сопствениот идентитет, но и ќе се отвораат врати за нови пријателства и заеднички иницијативи“, додаде министерот.
Настанот помина во атмосфера исполнета со музика, уметност и симболика, со цел да се претстави богатото македонско културно наследство на публиката во Србија и да се зајакнат културните врски меѓу двете земји.
Култура
30 години смеа со К-15, шоу за паметење во „Борис Трајковски“

Со овации и смеа од почеток до крај публиката во преполната арена „Борис Трајковски” вечерва ги поздрави Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Љупчо Бубо Каров по првото шоу во живо со кое прославуваат 30 години К-15. Вечерта помина многу музика, смеа и емоции. На сцената се редеа некои од најлегендарните скечеви, но и неочекувани нови скечеви, со кои се коментираше и сегашната состојба во земјата – духовито, храбро и препознатливо по стилот на К-15.
Посебна реакција предизвикаа громогласната изведба на „Ти си некаде” од Цацко и раскажувањето на „Кичмата”, пеглањето на Тошо, Климе, Тошо и појавувањето на Бапчо.
Целиот настап беше придружуван од голем оркестар со над 30 врвни музичари, диригирани од маестро Џијан Емин, кој стои зад оркестрациите на песните на „Дуо Трио”, а публиката имаше можност да чуе и сосема нова песна. Режијата е дело на Синиша Евтимов, кој ја обликуваше вечерта во вистинско театарско и музичко доживување.
Ова е само првата од трите планирани вечери – нешто што досега не му успеало на ниту еден македонски артист: три последователни настапи во најголемата арена во земјава.
Саботното „Второ полувреме” е распродадено, но остануваат уште мал број билети за третата вечер, кои може да се купат на www.kupikarta.com или на билетарницата во „Борис Трајковски”.
Култура
Македонскиот филм „Лена и Владимир“ освои две Златни Реми награди на фестивал во Хјустон

Македонскиот филм „Лена и Владимир“ освои две Златни Реми награди на 58-от Меѓународен филмски фестивал WorldFest-Houston: во категоријата Странски Игран Филм, и за Специјални Ефекти во Шминка (доделено на дизајнерот на маска Горан Игњатовски и уметникот за специјални ефекти во шминка Валентин Валов).
Режиран од Игор Алексов, „Лена и Владимир“ ја раскажува приказната за мистериозен човек со трагична тајна кој засолнува младо побегнато девојче со насилно минато. Нивната неочекувана врска придонесува секој од нив да ја надмине својата лична трагедија наоѓајќи надеж на неочекувано место.
Режисерот Игор Алексов, кој присуствуваше на фестивалот во Хјустон, ја изрази својата благодарност за признанието:
„WorldFest-Houston има богата историја на признавање на независната кинематографија, и да бидеме признаени меѓу толку висококвалитетни филмски творци од целиот свет е навистина oгромна чест за целиот тим. Моето време во Тексас беше, едноставно кажано, извонредно и инспиративно. Вистинска бајка“.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски.
Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов.
Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.