Култура
Маџиров по Багдад, настапува на Медитеранскиот поетски фестивал
Никола Маџиров учествува на 13. Меѓународен поетски фестивал „Гласовите на Медитеранот“ кој до 26 јули се одржува во Лодев во Франција, на кој ќе учествуваат поети од Франција, Шпанија, Израел, Мароко, Палестина, Ирак, Јордан, Португалија, Тунис, Сирија, Либан, Либија, Египет
Освен поезија, на најразлични локации во Лодев ќе се случуваат перформанси и музички концерти на португалската фадо-пејачка Кристина Бранко, како и на етно-групи од Алжир и Шпанија. Никола Маџиров ќе учествува во неколку поетско-музички перформанси со познати вибрафонисти и гитаристи од Медитеранот, а неговата поезија ќе се чита на македонски и француски јазик. Пред неколку дена Никола Маџиров се врати од светскиот собир на поети и преведувачи кој првпат, под силна полициска и воена придружба, се одржа во Багдад. Тој се претстави со своите дела на македонски, англиски и арапски јазик. На меѓународниот собир во близина на древниот Вавилон учествуваа автори од десетина европски, азиски и африкански земји. Тие беа примени и од Министерот за култура на Ирак, кој го нагласи задоволството што неколку современи автори се преведени на арапски јазик, но ја изрази и желбата ирачката современа книжевност конечно да биде обележана на мапата на светските книжевни текови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Спроведени се значителни реформи во работењето во 2025 година, велат од Агенцијата за филм
Агенцијата за филм на прес-конференција презентираше дополнителни појаснувања поврзани со Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење на агенцијата заклучно со декември 2024 година, како и информации за тековните реформи што се спроведуваат под актуелното раководство.
„Во однос на објавеното соопштение од ДЗР и насловот „Слабости во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат“, сметаме дека е важно да се појасни дека извештајот се однесува исклучиво на работењето до декември 2024 година, односно на период што претходи на актуелното раководство.
Формулацијата на насловот од соопштението на ДЗР, кој медиумите го презедоа, создаде впечаток дека констатираните состојби се однесуваат и на тековното работење на Агенцијата. Важно е да се појасни дека извештајот се однесува на ревизија на неколку избрани проекти и на период заклучно со 2024 година, што не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година“.
Ги цениме укажувањата на ДЗР, истакнуваат од агенцијата, кои како што велат, претставуваат солидна основа за натамошно унапредување на системите и процесите.
Прецизираат дека токму на тие реформи агенцијата активно работи уште од почетокот на 2025 година.
„Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување.
Активно се работи на изготвување на Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот.
Во согласност со законските обврски и принципите на отчетност, новото раководство достави шестмесечен извештај за работењето до Владата на Република Северна Македонија, со што се демонстрира посветеност, отчетност и одговорно управување.
Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање“.
Истакнуваат дека најголема новост е што агенцијата активно ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава на најпрестижната филмска платформа во светот.
„Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување. Нашата цел е едноставна — Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка.
Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што македонскиот филм ги постигнува во 2025 година. Овој творечки подем е резултат на талентот и посветеноста на филмските автори, а наша задача е да создадеме стабилен, јасен и ослободен систем што ќе им обезбеди простор да творат слободно и креативно, притоа да бидат достојно поддржани“ – вели в.д директорот Сашко Мицевски.
Филмовите поддржани од Агенцијата бележат исклучителни меѓународни резултати. Филмот „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски од почетокот на годината до денес, ја претстави државата на над 70 меѓународни фестивали, освојувајќи 29 награди и признанија. Филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на Фестивалот во Венеција, што претставува значаен успех за македонската кинематографија.
“Ова е патот по кој ќе продолжиме: поддршка, транспарентност, професионализам и создавање услови за нови филмски успеси. Веруваме во нашите автори и ќе направиме сè што е потребно за нивниот творечки потенцијал целосно да се реализира“ – заклучи Мицевски.
Култура
„Слугинките“ на Агнес Нокшиќи и ВР перформанс вечерва на МОТ
Текст и танц низ 15 сцени, вешто споени во кореографско – драмско дело кое ја има улогата на театарско огледало, во кое не само што ќе се огледаат „Слугинките“ на Жан Жане, туку режисерката Агнес Нокшиќи овозможува да се огледа и секој еден од публиката.
Приказната го истражува сложениот однос љубов-омраза помеѓу две слугинки, госпоѓа и господин. Заробени во циклуси на ропство и фантазија, слугинките копнеат по слобода, но остануваат врзани од своите желби и угнетувачката динамика на моќта.
„Текстот „Слугинките“ е избран поради сложените односи на моќ, желби и постојано менување на улогите, што отвора богат простор за истражување. Материјалот дозволува игра, претерување, промена на енергиите и слободно движење меѓу фикцијата и реалноста. Делото ја открива тенката линија меѓу сериозност и апсурд, создавајќи можност за продлабочена креативна работа и силна перформативна изразност“ – открива режисерката Нокшиќи.
Како и во животот, некои го користат своето страдање не како рана, туку како оружје, извртувајќи ја својата жртва во контрола, манипулирајќи, заплашувајќи – барајќи сочувство, а не покажувајќи никаква.
Во ова театарско огледало секој се одразува, па можеби некои ќе се препознаат себеси, а другите ќе погледнат настрана, а пак некои ќе откријат дека нивниот стисок никогаш не бил толку силен како што замислувале.
Претставата ќе се случи во МКЦ – клуб ресторан, а во неа играат Арбнора Адеми, Блендон Ахмети, Доника Ахмети и Агнес Нокшиќи.
Меѓудругото, вечерва на 50.МОТ ќе се одржи и ВР перформанс, проект на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а во продукција на Ехо Анимато (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин), премиерно изведена во Берлин, мај 2025, спојувајќи ја технологијата и активизмот за преосмислување на театарот како простор за еколошка и емоционална поврзаност во рамките на проектот PROSPER кофинансиран од Европската Унија.
„Ехо од длабочината“ е имерзивен ВР перформанс што поетски ја истражува еколошката ранливост на Охридското Езеро – едно од најстарите езера во Европа, но и најбогато со биодиверзитет. Спојувајќи виртуелна реалност и жива перформативност, делото ја поканува публиката да нурне под површината во кревкиот подводен свет и да се замисли над односот меѓу човекот и природата. Создадена во рамки на меѓународна резиденција со осум уметници, изведбата обединува дигитална слика, звук и телесно раскажување приказни, поттикнувајќи емпатија и еколошка свесност. Перформансот завршува така што публиката ќе има можност да испрати лични пораки до граѓаните на Охрид, создавајќи симболичен мост на прекугранична солидарност.
Во него играат Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Благој Веселинов.
Култура
Гала концерт во Националната опера и балет со светски познатата оперска дива Инва Мула на 28 ноември
На сцената на Националната опера и балет на 28 ноември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, ќе се одржи Гала оперски концерт на кој ќе настапи светски познатата оперска дива Инва Мула, заедно со Дешира Амети-Крлиу (сопран), Исмет Вејсели (тенор) и оркестарот на МОБ, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев.
Инва Мула, сопран е едно од најистакнатите имиња на современата оперска сцена. Родена во уметничко семејство во Албанија, таа многу рано го започнува своето музичко образование, истакнувајќи се како исклучителен вокален талент со лирска прецизност и емоционална длабочина. Во текот на својата блескава кариера настапувала на најпрестижните оперски сцени во светот, вклучувајќи ги Париската опера, Миланската Скала и Метрополитен опера, во соработка со врвни диригенти и режисери.
Нејзиниот уникатен и препознатлив глас ѝ донесе светска популарност и надвор од оперската уметност: таа го позајми својот глас за ликот на Дивата во култниот научно-фантастичен филм „Петтиот елемент“ (1997).
На програмата на концертот се вклучени избрани дела од оперската класика на Џузепе Верди, Лео Делиб, Џакомо Пучини, Жорж Бизе, Жак Офенбах и други автори.

