Култура
Охридско лето 2010: Празник за ушите
Сакралноста на овој објект придонесе концертот на оркестарот БОЕУ да има вистински свечена и духовна компонента, да го исполни просторот под црковниот свод со изведувачки и хармонски верно и врвно интерпретирање
БОЕУ е кратенка за Барокниот оркестар на Европската Унија. Интересен е принципот по кој овој оркестар работи. Имено секоја година се распишува аудиција за стотина талентирани музичари од Европа од кои 25 се избираат и тие под раководство на докажани диригенти – клавсенисти на барокната музика работат и концертираат шест месеци во текот на една година.Концертот на БОЕУ во Света Софија беше под водство на Ларс Улрик Монтерсен, со дваесетмина млади музичари, до 25 годишна возраст. Не мора да бидете особен љубител на овој вид музика, (многумина можеби ќе речат дека еднолична, монотона па ако долго се слуша дури и здодевна) но респектот кон неа и нејзините автори сепак останува. Верувајте дека чувството кога се работи за жива изведба е сосема поинакво. Така беше и во Света Софија. Сакралноста на овој објект придонесе концертот да има вистински свечена и духовна компонента, да го исполни просторот под црковниот свод со изведувачки и хармонски верно и врвно интерпретирање. Енергичниот Ларс Монтерсен извонредно мотивирачки делуваше на младите музичари, па така присуствуваме на возбудлива и истовремено релаксирачка концертна вечер. Иако повеќето од изведените дела се речиси сосема непознати за публиката, можевме да се увериме дека интерпретацијата е клучот на успехот на овој ансамбл. Уверливи, напати до виртуозност ни ги претставија барокните партитури на Ј.Д.Зеленка, Х.И.Бибер, М.Шарпентие, Г.Муфат, како и дела на познатите автори, Локатели, Албинони и Вивалди. Куриозитет на овој концерт секако беа и инструментите на кои музичарите свиреа. Имено покрај виолините, виолите и челата, имавме прилика да го слушнеме звукот на дрвените обои, теорбото, и двата клавсени (харпсикорди).Дека во голема мерка се зависи од добрата интерпретација покажаа младите музичари од Европа и чинам како ретко кога публиката оваа музика ја доживеа како блиска и благородна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

