Култура
„Синтезис“ гостуваа во Шпанија

Македонскиот етно- состав „Синтезис“ на 23 јули одржаа концерт во градот Сасерес во Шпанија.
Концертот се одржа во рамки на акцијата “Conciertos en los museos” со тема “Културите на различни нации”. Акцијата за претставување на културите на различни нации се одвива во месеците јули и август.
„Настапот на „Синтезис“ се одржа под мотото “Ритамот на Македонија”. Пред повеќе од 1000 посетители, „Синтезис“ со деведесет минутниот настап ја пленија шпанската публика, која знаеше да ги награди со долги аплаузи и да ги врати на бис. По завршувањето на концертот, членовите на групата даваа интервјуа за шпанските медиуми и се дружеа со посетителите кои останаа во бекстејџ одушевени од настапот и музиката на македонските културни амбасадори.“ велат од „Баги комуникации“.Групата „Синтезис“ ја сочинуваат Гоце Узунски, Гоце Димовски, Радослав Шутевски, Марјан Јовановски, Ване Јовчев, Билјана Ристовска, Анета Шуланковска и Мирјана Јошевска.
Нивен последен албум е „Етнисити“ кој е седми по ред и претставува ремикси на познати нумери од групата која е основана во 1995 година.Со нивните концерти по светот се вистински музички амбасадори на Македонија и достојно ја претставуваат македонската музика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Во сабота, со почеток во 12 часот, оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе ја изведе симфониската суита „Итар Пејо“ од македонскиот композитор Филип Иванов како едукативен концерт за деца. Диригентка е Бисера Чадловска, а наратор ќе биде актерот Мартин Јорданоски. Во петок, на 14 март, концерот ќе има претпремиера за организирана посета од училишта.
Делото на македонскиот композитор Филип Иванов „Итар Пејо“, како што кажува и самиот наслов, е инспирирано од популарниот македонски лик од нашата традиција, лукавиот и снаодливиот Итар Пејо. Тој е познат како симбол на итрец, којшто успева да се справи со неправдите и предизвиците преку својата интелигенција и снаодливост. Особено е итар во надмудрувањето на богатите или на оние коишто сакаат да го искористат…
Делото на Иванов е поделено на седум делови со поднаслови коишто укажуваат на течението на нарацијата: „Триумфот на Итар Пејо пред селскиот кмет“, „Танцот на измамата: Маската на Пејо“, „Меланхолија на исчезнатата паричка“, „Шегите на Итар Пејо“, „Итар Пејо во судир со неправдата“, „Инспиративниот говор на Итар Пејо“ и „Свадбата на Пејо“.
Ова е прва симфониска суита од македонски автор која обработува лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади. Композицијата е дел од наградените композиции коишто пристигнаа на конкурсот, којшто Филхармонија го распиша минатата година за откуп на дела од македонски автори наменети за симфониски оркестар.
Култура
Македонскиот филм „Лена и Владимир“ освои награда во Седона

Македонскиот долгометражен игран филм, „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја освои наградата за Најтрансформациски Филм на 31-от Меѓународен Филмски Фестивал во Седона.
„Ова признание значи многу за целиот наш тим кој ги вложи своите срца и души во оживувањето на оваа приказна“, велат од тимот кој работеше на овој проект.
На фестивалот присуствуваше актерот Тони Наумовски, кој посетата на Седона ја опишува како просветлувачкото искуство.
„Седона беше магична; фестивалот, луѓето, разговорите…тоа беше навистина просветлувачки“, рече Наумовски.
Лена и Владимир е македонска фантастична драма во режија на Игор Алексов, и сценарио на Александар Русјаков. Премиерата се случи на 19 октомври 2023 година. Филмот е современа антибајка за два лика исклучени од општеството. Владимир ја изгубил љубовта и се повлекува во самотија, а Лена е девојка од дом за сираци, силувана, малтретирана, никогаш не почуствувала љубов. Кога ќе им се вкрстат патиштата на „чудовиштето“ и убавицата, животите им се свртуваат наопаку.
Потопени во длабоката болка на своето минато, Лена и Владимир откриваат кревка, но издржлива врска што ги надминува нивните поединечни трагедии. Сместено на заднината на шумско светилиште, нивното патување на исцелување и искупление се развива додека тие се движат низ сложеноста на траумата, простувањето и преобразувачката моќ на љубовта.
Култура
(Видео) Сашко Коцев и Бојана Нушкова се суперхерои во апокалиптично Скопје – Македонија ќе го добие првиот Sci-fi филм со светски специјални ефекти

„Инатиум. Ситна светлина надеж во бесконечниот темен универзум. Ова небесно-сино парче скапоцен камен беше причината за мир и благосостојба низ универзумот се до еден ужасен ден. Во сега веќе разрушено Скопје гледаме како вселенскиот брод константно го емитува светлечкиот сноп црвена плазма со цел да ја апсорбира енергијата од јадрото на планетата…“ – Вака звучи краток исечок од сценариото на првиот македонски Sci-fi (научнофантастичен) 30 минутен филм „Инатиум“ во режија на Игор Стојановски.
Се работи за многу динимичен проект со импресивни специјални ефекти, чијашто премиера е најавена за оваа година. Филмот е во изработка на Старфал Филм Академија и Старфал Продукција. Сценариото е напишано од Кристијан Поповски, прв асисент на режија е Бојан Јуруковски, а режисер на сет е Гоце Цветановски.
Филмот ја раскажува вечната Битка помеѓу доброто и злото. Тоа е приказна за истрајноста, одлучноста како и надежта на протагонистите да се спротистават на негативните сили. Во универзум на работ од уништување, древниот кристал Инатиум е клучот за спас.
„’Инатиум’ ги спојува зачудувачките визуелни ефекти со моќна приказна. Од динамичниот дизајн на ликови до сложеното создавање на светот, секој детал е дизајниран за да остави траен впечаток. Нашиот тим од индустриски експерти, поддржан од години практично искуство, го оживеа ова визионерско дело претворајќи ја нашата страст за дигитално филмско творештво во незаборавно патување за публиката“, изјави режисерот Стојановски, кој е и продуцент на филмот.
Главните улоги на суперхерои кои се борат со злото ги играат Сашко Коцев и Бојана Нушкова, за кои Стојановски вели дека одлично ја завршиле својата работа.
„Сашко Коцев, нашиот етаблиран актер со своето искуство и вештина во актерската игра ја доловува приказната на специфичен начин, а талентираната Бојана Нушкова со својот професионален пристап, иако дебитант во улогата на главен актер покажа сериозен актерски потенцијал“, рече Стојановски, откривајќи дека дејствието на филмот се одвива на градскиот плоштад во Скопје, што на оваа дело му дава дополнителна специфичност и чувство на патриотизам и припадност кон родната земја.
View this post on Instagram
Тој говореше и за деталите, чувството да се создаде свет на спектакуларни вонземски бродови, моќни артефакти и незаборавна атмосфера.
„Овој проект ги комбинира најновите технологии со креативна визија, покажувајќи ја нашата способност за реализација на висококвалитетна продукција со холивудски стандард. Преку волшебни визуелни сцени на галактички војни, распаѓање на цивилизации и свети ритуали, „Инатиум“ ја истражува вечната борба помеѓу светлината и темнината. Станува збор за краток филм што ги истакнува нашите врвни вештини во VFX, 3D моделирање, концепт-арт и користење на Unreal Engine“, додава режисерот и продуцент Игор Стојановски.
Уникатните костими на суперхероите во филмот ги изработија Фросина Ангеловска-студио Фран (костим на Бојана) и Бојана Стевковска (костим на Сашко).