Култура
Зоран Попоски изложува во Берлин

Македонскиот визуелен уметник Зоран Попоски учествува во групна меѓународна изложба во галеријата „Концентарт“ во Берлин, Германија, која се отвора на 1 август 2010 г.
Насловена „Простори помеѓу“, изложбата се фокусира врз индивидуалното перцепирање на лиминалните простори (физички, психолошки, духовни, социолошки, политички), како линија на демаркација или праг кој треба да се премине, како простор што се одликува со неодреденост, отвореност и двосмисленост, како и со мобилност, транзиција, но и дезориентација. На изложбата се застапени повеќе од 20 автори од Британија, Малта, САД, Израел, Канада, Египет, Австрија, Македонија и Филипини.Попоски изложува видео и фото документација од проектот „Портрет на уметникот како културен работник“. Перформативниот триптих на Попоски претставува авторефлективна студија за сопствената уметничка пракса фокусирана речиси исклучиво врз и во јавниот простор како простор за претставување и дискурзивна акција.Проектот е реализиран во копродукција со кураторот Горанчо Ѓоргиевски.Во рамки на изложбата, Попоски ќе одржи и предавање на тема „Уметноста во јавен простор како форма на парезија“.Зоран Попоски (р. 1974, Скопје) магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија. Досега реализирал повеќе од 35 изложби во САД, Германија, Франција, Турција, Порторико, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Недела на полски филм во Кинотеката на Северна Македонија

Кинотеката на Северна Македонија, во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организира настанот „Недела на полски филм“, што ќе се одржи од 12 до 17 мај 2025 година, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела ќе започне на 12 мај (понеделник) во 20:00 часот со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987), ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА(Green Border/Zielona granica, 1923) и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015)
Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.
Култура
Камерното трио „Анимато“ утревечер со јубилеен концерт „Квинтесенца“, влезот е бесплатен

По пет успешни години на музичко творештво и настапи на домашната и меѓународната сцена, Камерното трио „Анимато“ ќе го прослави својот јубилеј со свечен концерт насловен „Квинтесенца“. Настанот ќе се одржи утре, 12 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Даут Пашиниот амам во Скопје, во организација на Националната галерија.
Триото во состав Даниела Неделковска (флејта), Симона Марочковска-Манојловска (флејта) и Светлана Димитриевска (пијано), ќе ја претстави својата препознатлива уметничка енергија низ програма која вклучува дела од Доплер, Прокопиев, Илин и Шор.
Во текот на изминатите пет години, Трио Анимато се етаблираше како еден од најактивните камерни состави во Македонија, со настапи во земјата и странство, промовирајќи ја домашната музичка сцена и соработувајќи со бројни истакнати уметници и институции. Овој јубилеен концерт е заокружување на едно успешно поглавје и најавува нови проекти со уште поголема посветеност кон уметничкиот развој и културната промоција.
Влезот е бесплатен за посетителите, а љубителите на класичната музика се поканети да бидат дел од оваа музичка прослава и да уживаат во виртуозната изведба на триото кое го слави своето постоење токму таму каде што традицијата и современоста се сретнуваат – во срцето на Старата скопска чаршија.
Дополнителни информации за концертот може да се најдат на официјалните канали на Националната галерија и Трио Анимато.
Култура
Со книгата „Прличев и епската традиција“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Прличев

„Прличев и епската традиција“ е новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски, со чија промоција во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Григор Прличев.
Промоцијата на „Прличев и епската традиција“ од Митевски и чествувањето на 195-годишнината од раѓањето на вториот Хомер ќе се одржи утре, 12 мај (понеделник), со почеток во 19 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
„Книгата што е објавена годинава претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот. Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век“, велат од „Матица македонска“.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај. Покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти. Меѓу изданијата што овојпат „Матица македонска“ ги овозможи со исклучителен попуст се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Со цел книгата на македонски јазик, навистина, и натаму да е сѐ поприсутна во секој дом, попустот се однесува и на најактуелни изданија.