Култура
Поетски избор од Бранко Цветкоски во Украина

Во издание на киевската издавачка куќа „Макаров – Софија“ со наслов„Источна ноќ“ се појави обемен избор од поетското творештво на современиот македонски поет, литературен критичар и преведувач Бранко Цветкоски
Како што велат од Редакција на скопското книгоиздателство „Макавеј“, изданието содржи околу стотина песни од сите досегашни поетски книги наЦветкоски. Преведувач од македонски на украински јазик е Вера Чорниј – Мешкова, а комплетното поетско претставување на Бранко Цветкоски е веројатно еден од ретките потези на афирмација на македонската литература кои во последната деценија се имаат реализирано во Украина.Ова издание е седумнаесетто претставување на поезијата на Цветкоски надвор од Македонија. Имено, негови одделни книги или избори од неговото поетско творештво се објавени во Египет, Либан, Албанија,Бугарија, Турција, Грција, Романија, Русија, Азербејџан, Полска и Србија, а се подготвуваат изданија во Франција, Германија, Кина и Монголија.Како што е познато, Цветкоски за својата поезија е носител на редица престижни домашни награди за поезија, критика и уметност, меѓу кои и на највисоката државна награда „Св. Климент Охридски“, како и на повеќе меѓународни поетски признанија: „Наџи Нааман“ – Либанска меѓународна книжевна награда, за поетски опус од европски автор, „Орфеева лира“ – Награда на истоимената Европска академија за култура од Р. Бугарија, „Шахмар Апхерзаде“ – Меѓународна литературна наградана Азербејџан, на Фестивалот на културите во Баку, 2009, потоа, Европски орден на Обединетите Нации за заслуги во културата и уметноста, Женева 2009 и „Христо Ботев“, Меѓународната награда за творечки опус и за придонес во зачувувањето на мирот и духовната комуникација на Балканот, во Европа и во светот, Софија, која се доделува секоја петта година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на романот „Арагон“ од Михајло Свидерски

Вечерва, 12 мај, во 19 часот, на Саемот на книгата, во Арена Борис Трајковски, на штандот на издавачката куќа Антолог, ќе се одржи промоцијата на романот од македонскиот писател Михајло Свидерски. Промотор ќе биде младиот македонски писател на крими романи Анде Јанков.
Романот „Арагон“ е структуриран во три поглавја, Овој свет (Олам ха Зе), Светот што ќе дојде (Олам ха Ба), и Дрвото на животот (Ец Хаим).
Во „Арагон“ Свидерски ја обработува темата на животот на Сефардските Евреи кои живеат во Битола, сè додека не се соочат со суровоста на војната. Централната приказна се движи околу Алегра, која е заробена во брак без љубов, и се осмелува да побегне со својот љубовник Јешуа, но нивната забранета љубов завршува со трагичен крај кога нејзиниот сопруг, Рахамим, го убива Јешуа. Во една конзервативна заедница, која дотогаш живеела спокоен живот, покрај присутниот страв и злокобните најави за депортацијата се случува и убиство.
Младиот Елиезер, кој случајно ја избегнува депортацијата, се вљубува во Марија. И двајцата успеваат да се спротистават на забраните на домашните. Приказната се испреплетува со храброста на Несима Ерен, муслиманка која во тие сложени времиња ризикува сè за да ги спаси Алегра и Елиезер од депортацијата. Понекогаш и во најтешките моменти има мигови на среќа. Некои членови на организацијата „Хашомер Хацаир“ кратко пред депортацијата, преку илегални канали, заминуваат за ветената земја, и така ќе се спасат.
Во поговорот на книгата, истакнатата критичарка, книжевна теоретичарка и универзитетски професор, Елизабета Шелева ќе напише: „Арагон на Свидерски е проникнат во духот на парадокасалната (загадочна) метафизика на загубата и на тежината, вградена во чинот на (принудниот) избор, заедно со ироничната лаовност на светот, што му се разоткрива на Елиезер, небаре оксиморонски исход од бегството како негов животен и судбински хазард“.
Култура
Француската иновативна танчерска претстава MYSELVES ќе го затвори Танц-фест

Дваесет и првото издание на Танц-фест ќе биде затворено утре, 13 мај, со иновативната и интерактивна танцова претстава „MYSELVES“, на француската група K. DANSE
Настанот ќе се одржи со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Оваа извонредна танцова претстава е дијалог помеѓу танчерот и неговите повеќекратни идентитети, отелотворени во визуелно и звучно единство. Танцовата креација ги вкрстува современиот танц и дигиталната уметност, прикажувајќи интеракција помеѓу изведувачот и неговите многубројни лица низ најразновидни трансформации.
Со употреба на телесни и оптички сензори, танчерката нè внесува во единствено ументичко искуство каде површините за проекција стануваат портали кон невидливото, а виртуелните идентитети на изведувачот се појавуваат и исчезнуваат.
Францускиот институт во Скопје и Фестивалот Танц-феат ги поканува сите љубители на современиот танц и дигиталната уметност да ни се придружат и да бидат дел од ова единствено уметничко доживување.
Култура
Промоција на „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска

Денес во 12.00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата ќе се одржи промоција на книгата за деца „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска која е македонска поетеса, есеист, прозаист и книжевен критичар.
Таа е доктор на науки и активен член на Друштвото на писатели на Македонија. Мијаковска пишува поезија, есеи, проза и книжевни критики. Добитник е на бројни награди како на пример: на наградата „Караманов“ и Македонска книжевна авангарда, наградата Крсте Чачански, наградата „Бели мугри“, наградата „Даница Ручигај и други.
Автор е на повеќе од 10 дела за возрасни и две за деца. „Кошница со калинки“ е втора нејзина книга за деца.
Книгата – сликовницата „Кошница со калинки“ е иновативна, инвентивна и едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст. Приказната во книгата ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.
Книгата е живописно илустрирана од страна на илустраторот Игор Јовчевски. Илустрациите во оваа книга се живи, сликовити, тие се во функција на текстот и говорат на сите светски јазици наместо текст, со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развиваат имагинацијата кај детето.
Промотор на книгата е Јованка Ефтимова заедно со децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани, кои денес ќе допатуваат специјално за оваа промоција на Саемот на книгата.