Култура
Меѓународен младински арт фестивал „Битола отворен град 2010“
Во Битола од сабота до 25-ти август ќе се одржи деветтото издание на Меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град 2010“, во организација на Младинскиот културен центар Битола
Фестивалот е отворен за сите алтернативни уметности во изведба на млади луѓе. Во досегашните фестивалски изданија можеа да се видат уметници од САД, Франција, Германија, Словенија, Шведска, Данска, Финска, Шпанија, Јапонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, и многу македонски значајни алтернативни уметници од рангот на Тони Китановски, како и музичките групи Мизар, Архангел, Моогер Фогер, Суперхикс, Фолтин, Сет, Паркети, Д.Н.О., Дина, Тhree minutes od the rain, Bei the fish итн. Повеќе од 500 уметници од 40-тина земји од цел свет се претставија пред фестивалската публика со свои дела во рамките на групните изложби и проекциите на уметничките кратки филмови. Изминатите две години гости беа легедарните рок изведувачи Рамбо Амадеус и Ван Гог.Целта на фестивалот е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности и креативна енергија и нејзина промоција како центар на прогресивната младина на Балканот. Фестивалот трае четири дена и традиционално се одржува во втората половина од месец август. Значаен белег на фестивалот му дава Младинскиот меѓународен волонтерски камп Битола отворен град кој секоја година е домаќин на десет волонтери од десет различни земји. Фестивалот дава можност за вклучување на локални граѓани како учесници во креативните работилници, како логистичка поддршка на фестивалот и како конзументи на уметноста со цел да се потсетат на вистинските вредности, да се запознаат со други традиции, култури, начини на живот. Фестивалот им дава можност на локалните граѓани и гостите да го прошират својот видик и да се збогатат со уште едно искуство и квалитетно да го потрошат своето слободно време.Програмата вклучува изложба на дигитални графики, улични перформанси, креативни работилници, графити работилница, изложба на уметничка фотографија, улични концерти и журки на отворено.Главниот настан ќе се одржи утре на Олимпискиот базен во Битола кога ќе настапат неодамна реоформените алтер-рок битолчани Небо, дел од ѕвездите на МНА продукција ПМГ Колектив и Д.Н.О., актуелните Bernays Propaganda и диџеите Горан Теч и Дејан Декс. Таа вечер исто така ќе се појави и Кирил Џајковски заедно со Серџук Оркестра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

