Култура
Ѕвездите на светската книжевност ќе се читаат на македонски јазик
Министерството за култура започна со реализација на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ во кој на македонски јазик ќе бидат преведени 550 книги од врвни светски автори
Едицијата на најкапиталните дела преведени на македонски јазик ќе опфаќа класици, избрани дела, бестселери, мемоари, а ќе се комплетира по периоди, старо грчки период, римски период, ренесанса и среден век. Преведените дела ќе се објавуваат етапно еднаш годишно, а на проектот ќе се работи во следните четири години.„Реализацијата на проектот ќе овозможи доближување до светските културни вредности до граѓаните и популаризација на пишаниот збор до сите сегменти на културното живеење“ – рече министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска на денешната прес конференција.Според членовите на одборот за избор на делата, ова претставува капитален проект кој е од големо значење за државата и за македонскиот јазик„Најзначајно во овој проект е што ќе се испроба македонскиот јазик како звучи во повеќе жанрови од литературата. Значењето на проектот е капитално и ретко која држава го прави ова. Среќен сум што се наоѓаат средства за вакви проекти. Ова е најкомплетен список направен од најголемите автори“ – смета професорот Венко Андоновски.Според академик Митко Манџуков претседател на одборот, најважно е што преводите на делата со овој проект ќе се вршат систематски„Најважниот атрибут на еден народ е јазикот, а јазикот може да се формира, презентира и афирмира само преку големите преводи. Ние до сега тоа го немавме. Нешто беше преведено нешто не како треба, во секој случај систематски не беа преведени“ – вели Манџуков.Министерството за култура ќе врши и превод на англиски јазик на делата опфатени во проектот „130 тома македонска книжевност“, а во септември се очекува промоција на 106 дела од добитници на Нобелова награда преведени на македонски јазик.Министерството за култура со посебна стратегија оваа година го поддржа учеството на четири меѓународни саеми на книга во Лајпциг Москва, Франкфурт и Истанбул. „Учеството на меѓународни саеми на книга претставува одлична можност за промоција на културата и презентација на севкупните потенцијали на нашата држава“ – додаде Канчевска – МилевскаВо буџетот на Министерството за култура за оваа година беа издвоени 75 милиони денари за издавачката дејност. Во програмата за издавачката дејност реализирани се 338 публикации, 31 проект од областа на електронското издаваштво 58 списанија 24 програми на здруженија и 10 преводи на македонски автори на странски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата од областа на теоријата на литературата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот (воведен) дел од овој труд авторката ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологии на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата.
Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонски романи на преминот од ХХ во XXI век, осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период. Потоа, во најобемниот дел од овој труд, се задржува на дескрипција на неколку романи, и тоа: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
– Романот е најинтересната проза за читање. Содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла. Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста (`Тунел`), преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“), до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или пак продуцираат реалност која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот поттик беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за различните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанца и научна мерка – пишува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска за овој свој труд
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска ( 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).

