Култура
Светска премиера на „Мајки“ на Манчевски во Торонто
В недела, на 12 септември филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, еден од најголемите фестивали во светот од А-категорија
Филмот на Манчевски е вброен во престижната програма Специјални презентации. Особена почест за „Мајки“ е што ќе игра во новиот фестивалски дом, спектакуларниот кино-комплекс Бел лајтбокс, новата канадска архитектонска и културна атракција што со голема целодневна свеченост ќе се отвори само неколку часа пред премерата на филмот на Манчевски, закажана за 20.30 часот по канадско време..„Мајки“ на премиерата ќе го претстави лично директорот на Торонто филм фест, легендарниот Пирс Хендлинг, кој е автор и на текстот за филмот во каталогот на фестивалот. Хендлинг лично го избра „Мајки“ за фестивалската програма и го смета за еден од најдобрите филмови што ги видел во последните години, како поради храбрата, експериментална синематска структура, така и поради содржината. „„Мајки“ почнува со фикција, и тоа со фабрикување на една лага, оди кон обид за фабрикување на еден мит и завршува во потресната сликовност на реалното, каде што никакво фабрикување не е возможно. Под површината на сите епизоди лежи мрежа од детски лаги и предавства, во целина мали, но тие добиваат ужасна сила во финалето, каде се покажува дека човек кој бил почитуван од заедницата ги измамил сите. Нема лесно читање на „Мајки“, туку само потреба да соработуваме со авторот за да ги откриеме многубројните значења на филмот, – заклучува Хендлинг во неговиот текст во каталогот.На светската премиера во Торонто ќе присуствуваат режисерот Милчо Манчевски (во Торонто на покана од фестивалот и како нивни гостин), продуцентот Кристина Калас (на покана од фестивалот, но во свој аранжман) и дизајнерот на продукција Дејвид Манс (во сопствен аранжман).Непосредно пред официјалната светска премиера, „Мајки“ веќе добива позитивни најави во канадскиот печат, каде филмот се смета за „концептуален предизвик“ и „дело кое те остава во чудо“.Покрај премиерата на 12 септември, филмот на Манечвски ќе има уште две проекции за публиката на фестивалот, на 13 и на 18 септември, и две прес-проекции, на 11 и на 17 септември.„Мајки“ е четврт филм на Милчо Манчевски, македонско-француско-бугарска копродукција. Снимањето се одвиваше во Скопје, Мариово, Кичево, Тетово и Гостивар минатата година, а монтажата беше завршена летово во пост-продукциските студија во Париз, Лондон и Минхен.Главните улоги ги толкуваат Ана Стојановска, Димитар Ѓорѓиевски, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Диме Илиев, Марина Поп Панкова, Петар Мирчевски, Горан Трифуновски, Благоја Спиркоски, Борис Чоревски, а за прв пат на филм се појавуваат Емилија Стојковска и Милијана Богдановска.Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, продукциски дизајнер Дејвид Манс, костимограф Елизабета Монталдо, дизајнер на маска Марио Микисанти, монтажер Жаклина Стојчевска, дизајнер на тонот Питер Балдок, кастинг директор Маја Младеновска, а музиката е на Игор Василев Новоградска. Продуцент е Кристина Калас, а копродуценти се Тиери Ленувел, Мари-Пјер Масиа и Методиус Петриков. Дистрибутер е Манакифилм.Филмот на оригинален начин испреплетува вистински приказни за едно општество на небрежни и отсутни мајки, каде деца кои беснеат со кредитни картички набедуваат невини луѓе, каде старци умираат сами и заборавени, каде пензионирани чистачки се жртви на сериски силувања и убиства. Филмот е современа рефлексија на мрачниот свет на Достоевски.„Мајки“ користи експериментална филмска структура, во која играниот филм се претвора во документарец и ја продолжува традицијата на уметници кои комбинираат вистина и фикција, најдени објекти и уметнички создадени елементи, како Роберт Раушенберг, В.Г. Зибалд, Јозеф Бојс, Марсел Дишан, Бисти Бојс. Мото на филмот е – Вистина, само вистина, и скоро ништо освен вистина.Во врска со тоа Манчевски го цитира Том Кленси: „Се разбира дека вистината е поневеројатна од уметноста. Во уметноста мора да има логика“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прилепскиот џез фестивал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура, организаторите бараат објаснување
Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП, организатор на фестивалот „Прилеп Џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend), ја информира јавноста дека Министерство за култура одлучило да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението наведуваат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Според нив, Prilep Jazz Weekend не е експериментален или привремен проект, туку фестивал со историја, публика, јасна програмска визија и препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната сцена во Прилеп и пошироко.
Во соопштението се поставуваат низа прашања до надлежните институции, меѓу кои дали културната политика на државата оди кон централизација и маргинализација на културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката сè уште се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства, како и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни.
Од здружението оценуваат дека со вакви одлуки културата надвор од главниот град не се развива, туку, како што наведуваат, „се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“. Тие додаваат дека ова не е само удар врз еден фестивал, туку порака до културните работници во внатрешноста дека нивниот долгогодишен труд и резултати лесно може да бидат игнорирани.
Во соопштението се нагласува дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои благодарение на публиката, идејата и упорноста, но дека јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено оние што доаѓаат надвор од центарот.
Од Здружението бараат транспарентност, образложение и одговорност, порачувајќи дека културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка, туку право што мора да биде достапно насекаде.
Култура
„Ѕвездено арпежо“ со врвната харфистка Анлин Ленартс
Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија…, како и на престижни фестивали. Нејзините настапи се снимени од BBC Radio 3, Radio France Musique и Deutschlandfunk. Анлин има освоено 23 награди на меѓународни натпревари за харфа, меѓу кои првата награда на Grand Prix International Lily Laskine (2005) и Награда на публиката на ARD International Music Competition во Минхен. Таа има снимено повеќе албуми за Warner Classics, вклучувајќи и издание со дела од Нино Рота, кое во 2019 година ја доби наградата Opus Klassik. Истата година ја доби и наградата „Почести на фламанската заедница“ од Владата на Фландрија. Анлин Ленартс студирала во Брисел и во Париз, а магистерската диплома по харфа ја стекнала со највисоки одлични оценки. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.

