Култура
Поезијата на Никола Маџиров на јапонски и индиски
Избор од петнаесетина песни од македонскиот поет Никола Маџиров се објавени на јапонски јазик во едно од најзначајните јапонски поетски списанија за современа поезија „Бигл“, а истовремено е објавена и на повеќе светскијазици во повеќе значајни литературни списанија
Во списанието тој е претставен заедно со најпочитуваниот жив јапонски современ поет Шунтаро Таникава. Преводот на јапонски јазик е на поетот Јасухиро Јоцумото, кој објави и критика за поезијата на Никола Маџиров. Негова поезија е објавена деновиве и во најчитаниот индиски книжевен магазин „Мјуз Индија“ и во австриското списание за литература „Литератур унд критик“ кое се печати во Салцбург, како и во „Манускрипте“ печатено во Грац. На германски јазик, во превод на Александер Зицман негови стихови и есеј се објавени во најновиот број на германското списание „Ди Хорен“, а во списанието „Шрајбхефт“ што се печати во Есен, Германија, во приказот за балкански автори освен Давид Албахари од Србија, објавена е поезија од Никола Маџиров. Негова поезија е објавена во престижниот американски магазин „Поетри интернешнал“ заедно со поезијата на Пол Селан, Јехуда Амихај и Томаж Шаламун, како и во списанието „Естуар“ во Канада. Десетина песни од Никола Маџиров се појавија на страницата посветена на современа светска поезија во најстарото и најтиражно поетско списание во Латинска Америка „Диарио де поесиа“, кое се печати во Буенос Аирес, Аргентина, а исто така десетина песни се објавија и во списание во Мексико. Негова поезија се испечати и во Турција, во еден од најзначајните и најтиражни книжевни магазини „Јасак мејве“ и во Романија, со посебен осврт како избор-поет на главниот уредник на списанието „Кроника“.Поезијата на Никола Маџиров во текот на следниот месец ќе се објави и во други списанија во Велика Британија, САД, Уругвај, Бугарија, Узбекистан, Мароко. До крајот на месецот тој ќе одржи неколку поетски читања во Германија, Швајцарија и Шведска.Поезијата од Никола Маџиров инаку веќе е објавeна на десетина јазици во повеќе земји во Европа, Азија и Северна, Централна и Јужна Америка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

