Култура
Изложба „Леб и вино” на Драган Мијач Бриле во Битола
Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро”, во саботата во изложбениот салот „Магаза”, организира изложба на црногорскиот ликовен уметник, учесник на колонијата, Драган Мијач-Бриле
Ликовната изложба на Драган Мијач-Бриле е прва негова самостојна изложба во Битола, бидејќи него го познаваме преку реномираната традиционална ликовна колонија „Де Ниро” во организација на Драги Филевски. Затоа, за битолчани, оние вистинските љубители на ликовната уметност, оваа изложба претставуваше вистинско културно исвежување и истовремено одушевување, бидејќи на овој начин поблиску го запознаа не само авторот, туку и неговите ликовни дела и она што, всушност, е тој. А тој е уметник кој на своите дела им дава драматуршка форма.Впрочем, уште во почетокот на студентските години на Драган Мијач Бриле, неговиот позната на бившојугословенските простори професор, академикот Светомир Арсиќ Басара, ја открива прво драматиката, а потоа и поетиката во делата на тогаш младиот Бриле.Можеби, токму и затоа, тој се определува за вајарството и го студира тоа, бидејќи претежно тука е и допирот на уметникот со делото кое треба да го создава од каменот, од мермерот, од себе, оти создавањето, барем во вајарството, бара една драматуршка експресија. Само така ќе се создаде една драма за едно супериорно дело, бидејќи вајарството не познава грешки. Затоа, Бриле, пред да се внесе во она што треба да го создаде, мора да одигра една цела драма, а во драмата, во создавањето на делото на Бриле, не е присутен само еден лик и едно дејствие. Тој прво ја создава сцената, па појавата на неа, па потоа дејствието кое би се одиграло со сите оние потребни контури. Но, Драган Мијач – Бриле, гледајќи дека на некој начин е “хендикепиран”, се разбира за разлика од класичните сликари, (на кои им се потребни само штафелајот, платното, бојата и четката), сакајќи да ги покаже своите вештини во ликовната уметност, ги остава алатите кои ги користи во вајарството и се зафаќа со сликарството, со иста таква динамика, драма, но и одредена поетичност, која пак е потребна во сликарството.Сега во сликите на Бриле драмата е поизразена оти таа може да се види на платно, а строгите црти на ликовите, го покажуваат дејствието и последователните реакции изразени преку реакциите на нивните ликови, без разлика дали станува збор за болка или радост. Тоа пак, од друга страна, ја изразува сензибилната мисија на овој црногорски автор, кој преку колоритните бои ја одредува спецификата на ликовната поетика.„Рускиот стогодишник”, „Муза на виното и поезијата”, „Виноградарка” (-та), (сите во техника масло на платно), прават успешен обид за внесување на контурите во личната поетичност на Драган Мијач-Бриле, а додека пак „Девојката од дробен песок”, „Девојка”, „Главата на Исус”, „Распетие”, „Црнички пејзаж”, кои се работени со октоподово масло, ни ја прикажуваат драматургијата на Бриле, што тој ја има во себе. Сите ликовни дела заедно, ни говорат дека Бриле ја има и приказната во себе, која е длабоко прониклива, којашто, впрочем, и е потребна за создавање на едно совршено ликовно дело, за коешто, пак, поетите би можеле да речат дека е реализам измешан со експресионизам и сето тоа, доведено до чистината и совршенството на духот.Драган Мијач – Бриле не е ни Гоген, ни Ван Гог, затоа што тој не пресликува нешто туѓо, тој не ја бара инспирацијата и приказната кај овие двајца, туку тој ја гледа во поднебјето од каде што потекнува. И затоа, тој создава свој ликовен јазик, којшто секој ликовен уметник го прави токму поразличен од другите.Зоран Пејковски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

