Култура
Американски грант за Стоби
Нов грант од Американската амбасада за заштита на Епископската базилика во античкиот град СтобиЗа две години ќе и го вратат стариот лик на Базиликата е потпишан во понеделник меѓу амбасадорот на САД, Фили Рикер и министерката за култура Елзиабета Канческа-Милевска
Со грант од 72.600 долари од американската амбасада ќе се врши конзервација на рано христијанските фрески на епископската базилика во археолошкиот локалитет Стоби. Со овој проект ќе се спаси кревката убавина на овие стари христијански фрески. Тој е само еден во низата од Фондот на амбасадорот за поддршка на богатото културно и историско наследство во Македонија. Во Епископската базилика се наоѓа еден од најстарите зачувани фрескоживописи во Македонија, откриен во 1973 година. „Стоби е фасцинантно историско археолошко пронаоѓалиште. Тој е крстопат меѓу античката и модерната историја, движењата од Рим до Босфор, северот и југот. И од голема важност е овој локалитет да се заштити реставрацијата да продолжи но исто така и конзервацијата е важна во проучувањето на локалитетот. И многу сум среќен што американската амбасада дава поддршка во истражувањето на ова прекрасно место“, рече Филип Рикер, амбасадор на Америка во Македонија. Дини Во последните две години министерството за култура вложи околу 60 милиони денари за археолошки истражувања. Со овој грант се продолжува заштитата не само на мозаиците туку и на објектите кои стануваат се поинтересни не само за домашните туку и за странските туристи. „Овој грант е од големо значење затоа што со овие пари ќе се козервира еден од најзначајните и најубавите објекти од рано христијанскиот период, Епископската базилика. Ќе оживее фрескописот и ќе биде достапен за пошироката јавност, рече Елизабета Канческа Милевска, министер за култура. Со овој грант ќе се реализира најголемиот проект за конзервација и презентација на целата црква. Најпрво ќе бидат заштитени фреските, потоа мозаичните подови и архитектурата. „Верувам дека за неколку години по конзервацијата ќе ги вратиме фреските на ѕидовите и мозаиците на подовите во епископската базилика. Ќе се направи нова кровна конструкција и базиликата ќе биде спремна за презентација, рече Силвана Блажевска, директор на археолошки локалитет Стоби. Инаку конзервацијата на фрескоживописот во епископската Базилика ќе почне од вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

