Култура
„Без зборови“ – нова концертна сезона на Македонската филхармонија
Со концертот на виолинистката Никола Бенедити, од Велика Британија под диригентската палка на маестро Јануш Пшибилски, од утревечер Македонската филхармонија ја почнува новата концертна сезона
„Спектакуларната Николo Бенедети која е една од најбараните млади виолинистки во Европа, со настапи насекаде низ светот со најреномираните оркестри ќе го изведе прекрасниот романтичен концерт за виолина и оркестар во e-moll од Феликс Менделсон. За Бенедети светската музичка критика ќе напише дека освојува со нејзината музикалност и рамнотежа во интерпретацијата. Бенедети свири на инструмент од Страдивари изработен во 1712 година.“ изјавуваат од Македонска филхармонија.На програмата на концертот е и ретко изведуваната Симфонија бр. 3 од францускиот композитор Албер Русел.Во сезоната 2010/11 на концертниот подиум ќе настапат повеќе реномирани солистички и диригентски имиња од сите светски меридијани, придружувани од Македонската филхармонија.Во новата сезона, Македонска филхармонија најави ексклузивни концерти, со солисти од Белгија, Франција, Норвешка, Германија и Јапонија.И во 2010/11 Македонската филхармонија продолжува со циклусот „Слушајте филм“ и со циклусите „Симфониски концерти за деца“. На крајот на 2010 г. ќе заврши чествувањето на Фредерик Шопен, а во април на програмата е целовечерен концерт со дела од П. И. Чајковски кои не се често на концертниот репертоар, како што е „Концертот за пијано и оркестар број 2“ и „Симфонијата број 3“.Во сезоната „Без зборови“ првпат ќе бидат изведени повеќе дела кои македонската публика досега немала можност да ги слушне. Меѓу другите, тоа се „Маварската рапсодија“ од Енгелберт Хампердинк, „Малиот концерт според Б-А-Х“ од Арво Перт, „Симфонијата бр. 2“ од Арам Хачатуријан, како и циклусот песни „Седум популарни шпански песни“ од Мануел де Фаља.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Mузичката елита ќе пее во чест на маестро Кире Костов
Голем број познати имиња од забавната музика на гала-концерт ќе му оддадат почит на човекот што ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – едиствениот маестро Кире Костов.
„Летај галебе“ е насловот на концертот што ќе се одржи во Националната опера и Балет во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.
На концертот во чест на големиот маестро ќе настапат Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.
„Ова е важен концерт за нашето семејство бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек што живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман“, вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.
Инаку, во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај галебе“ на авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и во Скопје, а имаше и своја уникатна радиопромоција на брановите на Радио Бубамара.
Организаторите од „Баги комуникации“ додаваат дека „Летај галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан што ќе ја врати публиката во времето кога песните се создаваа со душа. Тие потенцираат дека е важно да се негуваат домашните автори, да се слуша музиката што била создавана низ времето и да се пренесува на генерациите што доаѓаат.
Инаку, Кире Костов е симбол на македонската музика – композитор, аранжер и диригент, кој создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“ до големите фестивалски композиции и оркестарски дела – неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство. Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, НЛБ банка, „Алкалоид“ и „Триглав“, а снимката ќе биде архивирана и емитувана на Македонската телевизија.
Култура
Во Скопје концертна промоција на „Афро гитано“: албум снимен на три континенти
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „’Afro Gitano’ е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото.
„Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка“, вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно“.
Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот“, вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот“.
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот“, додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар“, вели Китановски.
Култура
„Андерфест 7“ – алтернативниот рок-фестивал се враќа со уште поголема енергија
„Андерфест“, еден од најпрепознатливите алтернативни рок фестивали кај нас, ја најавѝ програмата за своето седмо издание! Настанот ќе се одржи во петок на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а и ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.
„Андерфест“ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови.
Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види LOST IN REVERIE, АУДИОЦИГЛА, ДИМИШ, ЗАНАДУ, ДЕМЕНСИ, ГОЛЕМАТА ВОДА и НОВИОТ ПОЧЕТОК – бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап.
Организаторите најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде што ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена. За многумина, „Андерфест“ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура. Билетите се пуштени во продажба преку drugastrana.mk.

