Култура
Влатко Стефановски и Стефан Миленковиќ ќе одржат заеднички концерт
Двајцата врвни музичари гитаристот Влатко Стефановски и виолинистот Стефан Миленковиќ ќе одржат заеднички концерт во Сава центар на 22 декември. Оваа информација за порталот на „Форум“ ја потврди и Влатко Стефановски.
„Ние веќе една година го подготвуваме проектот со Миленковиќ. Тој во август престојуваше неколку дена во Македонија, вежбавме, а ќе следуваат и повеќе проби. Драго ми е и чест да соработувам со таков музичар од светска класа, човек со неверојатна музичка интуиција. Имавме идеја да се сретнеме на пола пат, односно јас да зачекорам во неговата музичка територија, а тој во мојата. Ќе има класична музика, фјужн…, а Србите овој концерт го најавуваат како настан на деценијата, изјави за порталот на Форум, Влатко Стефановски.„Можноста да свирам со Влатко Стефновски ја сфаќам како голема привилегија. Тој е човек од кој може секој музичар може многу да научи. Има страшна техника и огромна емоција, а тоа е спој кој некој музичар може да го издигне и издвои од останатите. Неговата репутација е за почит, а неговото име со години синоним за врвно свирење. Самата помисла на овој концерт многу ме радува. Знам дека очекувањата се големи., но сигурен сум дела Влатко и јас ќе бидеме достојни за тоа.“ изјави Стефан Миленковиќ за Блиц.Иван Ивачковиќ од Белградската култура мрежа, која е организатор на овој концерт пак смета дека овој настан ќе биде еден од најатрактивните во последните години во Белград.„Тоа ќе биде повеќе од концерт и е многу значаен за овдешната култура. Ексклузивно случување кое не смее да се пропушти. Влатко и Стефан заедно, тоа е соработка на деценијата. Горди сме што споивме два врвни уметници, тоа ќе биде концерт за паметење, изјави Ивачковиќ за Блиц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

