Култура
Вечер на класична музика во Прилеп
Во сабота, 6 ноември, во Центарот за култура „Марко Цепенков“, со почеток во 19 часот ќе се одржи Вечер на класична музика на која ќе настапат Верица Шотаровска на пијано и Ана Митоска – сопран
Двете уметници на љубителите на класичната музика во Прилеп ќе се претстават со програма која вклучува популарни дела од Хендел, Калдара, Персел, Моцарт, Шуберт, Шуман, Дворжак.Ана Митоска – сопран, е родена во Прилеп, каде започнува да свири пијано од најрана возраст уште на шест години. Своето музичко образование го започнува на седум години, изучувајќи пијано во класата на проф. Наде Јанчулеска во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ во Прилеп, кое го завршува постигнувајќи значаен успех и земајќи редовно учество на годишните концерти во Домот на културата „Марко Цепенков.”Во 2003/04 г. се запишува на студии во Музичката академија во Скопје во класата по соло пеење на проф. Билјана Јакимовска – Јoвановска, а дипломира со највисок успех во јуни 2009 г., во класата на проф. Славица Галиќ – Петровска. Во текот на студирањето покажува особена умешност и афинитет кон изведувањето на ренесансни и барокни композиции.Настапува на повеќе манифестации, како што се концертите на солисти со Оркестарот на Македонската опера и балет, Битолско културно лето, хуманитарен концерт на солисти во Католичка црква во Скопје, концерт по повод годишнина од постоењето на Детската амбасада во Прилеп, концертите „Коста Трпков” на класите по соло пеење од Музичката академија итн.Моментално е вработена во хорот на МОБ, каде зема активно учество како во редовниот репертоар на Операта, така и на манифестации од типот на Мајски оперски вечери, Охридско лето, Денови на македонската музика, Скопско лето..Верица Шотаровска, родена 1983 г. во Скопје, своето музичко образование го започнува во класата на проф. Лепа Мрмевска, за потоа да го продолжи своето надоградување на додипломските и постдипломските студии во класата на проф. Јасмина Чакар. Од нејзините најрани години таа е дел од концертниот подиум на Центарот, настапува на новогодишните, патроните, завршни концерти на музичко-балетскиот културен центар. Забележани се повеќе нејзини полурецитали и рецитали во Скопје, Тетово, Велес, Охрид, Битола, а активно настапува и како камерен изведувач и корепетитор на Скопско, Охридско и Битолско лето.Настапувала на манифестациите: Музичари на новиот милениум, Денови на Македонска музика, Љубители на оперската уметност, Денови на француска музика, настапи на манифестацијата Мулти-култи, за УСАИД Ромаверзитас, Лекарската комора, со Македонска Филхармонија,… Неколку години таа е дел и од педагошката работа како професр по пијано каде брои многу успеси, концерти, награди со своите ученици.Добитник е на повеке награди во текот на своето школување: две први награди(1994 и 1995) на пијанистичките натпревари во Скопје, прва награда(1996) на Шопенијада во Скопје, прва награда (1998) на меѓународниот натпревар „Николај Рубинштајн” во Париз, трета награда на натпреварот за камерни ансамбли, втора награда (2000) на меѓународниот натревар во Пјетра Лигуре, Италија, трета награда (2000 г.) на меѓународниот натпревар во Шабац, Србија, втора награда (2001 г.) на државниот натпреар во Скопје, специјална награда (2002 г.) на државниот натпревар за кемерни ансамбли во Штип, специјслна награда (2002 г.) на меѓународниот натпревар во Стара Загора, Бугарија, за пијано придружбаУчесник е на повеке семинари кај еминентни професори: А. Валдма, Р. Кинка, П. Егоров, А. Гекиќ, М. Молова, Ж. Захариева, Ј. Михајловиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

