Култура
Данијела Мартиновиќ и Петар Грашо за Нова Година во Скопје

Во божиќен пазар со автентични германски производи, традиционална германска храна и пиво, како и варено вино ќе можат да уживаат граѓаните на главниот град од 25 декември до 1 јануари.
Со овој пазар, скопјани, како и останатите жители на Македонија ќе можат да доживеат уникатно искуство со новогодишен дух, на ист начин како и жителите на збратимениот Нинберг. Оваа година нема да има повеќедневни концерти, за разлика од минатата, туку само еден централен на 31 декември, на кој главни ѕвезди ќе бидат Данијела Мартиновиќ и Петар Грашо.
Од домашната музичка сцена свое учество ќе земат Ребека, Елена Ристеска, Гоце Арнаудов, Бени, Сузана Спасовска, Соња Тарчуловска и Кристина Арнаудова.
Германската амбасадорка во Македонија, Улрике Мариа Конц, рече дека Божиќ е празник на светото, новиот живот и пријателството и затоа ги повика сите граѓани да дојдат и заедно на плоштадот „Македонија“ да ја дочекаат Новата година.
„Божиќниот пазар е препознатилив белег на збратимениот Нинберг, а Македонците ќе имаат можност оваа година овој дух да го доживеат. Од 25. декември до 1. јануари за време на пазарот, на граѓаните ќе им се понуди одлична забава. Посебно мислевме на најмладите. За нив ќе има поставено бина каде ќе можат во текот на денот да гледаат разни претстави, но и да се фотографираат со Дедо Мраз“, рече амбасадорката Конц.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, рече дека оваа година бината ќе биде поставена на просторот меѓу спомениците на Даме Груев и Гоце Делчев.
„Ќе има помалку место од минатата година, но ќе биде доволно за сите заедно да ја дочекаме 2011 година“, рече Трајановски.
Прашани за хонорарите на музичките ѕвезди, Жарко Луковски, извршниот директор на Т-мобиле рече дека хонорарите кои ги добиле се со големи попусти и дека пејачите ќе настапат во Скопје, најмногу поради љубовта која ја чувствуваат кон главниот град.
Организатори за овогодинешниот дочек за Нова Година се Град Скопје, Македонски телеком, Т-мобиле Македонија, Македонско-Германското стопанско здружение, како и Германската амбасада /крај/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на романот „Арагон“ од Михајло Свидерски

Вечерва, 12 мај, во 19 часот, на Саемот на книгата, во Арена Борис Трајковски, на штандот на издавачката куќа Антолог, ќе се одржи промоцијата на романот од македонскиот писател Михајло Свидерски. Промотор ќе биде младиот македонски писател на крими романи Анде Јанков.
Романот „Арагон“ е структуриран во три поглавја, Овој свет (Олам ха Зе), Светот што ќе дојде (Олам ха Ба), и Дрвото на животот (Ец Хаим).
Во „Арагон“ Свидерски ја обработува темата на животот на Сефардските Евреи кои живеат во Битола, сè додека не се соочат со суровоста на војната. Централната приказна се движи околу Алегра, која е заробена во брак без љубов, и се осмелува да побегне со својот љубовник Јешуа, но нивната забранета љубов завршува со трагичен крај кога нејзиниот сопруг, Рахамим, го убива Јешуа. Во една конзервативна заедница, која дотогаш живеела спокоен живот, покрај присутниот страв и злокобните најави за депортацијата се случува и убиство.
Младиот Елиезер, кој случајно ја избегнува депортацијата, се вљубува во Марија. И двајцата успеваат да се спротистават на забраните на домашните. Приказната се испреплетува со храброста на Несима Ерен, муслиманка која во тие сложени времиња ризикува сè за да ги спаси Алегра и Елиезер од депортацијата. Понекогаш и во најтешките моменти има мигови на среќа. Некои членови на организацијата „Хашомер Хацаир“ кратко пред депортацијата, преку илегални канали, заминуваат за ветената земја, и така ќе се спасат.
Во поговорот на книгата, истакнатата критичарка, книжевна теоретичарка и универзитетски професор, Елизабета Шелева ќе напише: „Арагон на Свидерски е проникнат во духот на парадокасалната (загадочна) метафизика на загубата и на тежината, вградена во чинот на (принудниот) избор, заедно со ироничната лаовност на светот, што му се разоткрива на Елиезер, небаре оксиморонски исход од бегството како негов животен и судбински хазард“.
Култура
Француската иновативна танчерска претстава MYSELVES ќе го затвори Танц-фест

Дваесет и првото издание на Танц-фест ќе биде затворено утре, 13 мај, со иновативната и интерактивна танцова претстава „MYSELVES“, на француската група K. DANSE
Настанот ќе се одржи со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Оваа извонредна танцова претстава е дијалог помеѓу танчерот и неговите повеќекратни идентитети, отелотворени во визуелно и звучно единство. Танцовата креација ги вкрстува современиот танц и дигиталната уметност, прикажувајќи интеракција помеѓу изведувачот и неговите многубројни лица низ најразновидни трансформации.
Со употреба на телесни и оптички сензори, танчерката нè внесува во единствено ументичко искуство каде површините за проекција стануваат портали кон невидливото, а виртуелните идентитети на изведувачот се појавуваат и исчезнуваат.
Францускиот институт во Скопје и Фестивалот Танц-феат ги поканува сите љубители на современиот танц и дигиталната уметност да ни се придружат и да бидат дел од ова единствено уметничко доживување.
Култура
Промоција на „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска

Денес во 12.00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата ќе се одржи промоција на книгата за деца „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска која е македонска поетеса, есеист, прозаист и книжевен критичар.
Таа е доктор на науки и активен член на Друштвото на писатели на Македонија. Мијаковска пишува поезија, есеи, проза и книжевни критики. Добитник е на бројни награди како на пример: на наградата „Караманов“ и Македонска книжевна авангарда, наградата Крсте Чачански, наградата „Бели мугри“, наградата „Даница Ручигај и други.
Автор е на повеќе од 10 дела за возрасни и две за деца. „Кошница со калинки“ е втора нејзина книга за деца.
Книгата – сликовницата „Кошница со калинки“ е иновативна, инвентивна и едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст. Приказната во книгата ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.
Книгата е живописно илустрирана од страна на илустраторот Игор Јовчевски. Илустрациите во оваа книга се живи, сликовити, тие се во функција на текстот и говорат на сите светски јазици наместо текст, со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развиваат имагинацијата кај детето.
Промотор на книгата е Јованка Ефтимова заедно со децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани, кои денес ќе допатуваат специјално за оваа промоција на Саемот на книгата.