Култура
Концерти и музички работилници на „Урбани резонанци“

„Јавна соба“ во соработка со Zoey Foundation for Arts and Culture од Холандија, организираат серија концерти на современа електро-акустична музика, електроника во живо и видео.Организирани се и музички работилници насловени „Урбани резонанци“, кои од вчера се одвиваат на различни локации низ Македонија, а ќе траат до 18. декември. Организирањето на „Урбани резонанци“ е плод на соработката меѓу холандски композитори и македонски изведувачи на акустични инструменти. На концертите и музичките работилници во рамките на манифестацијата ќе доминираат електро–акустични дела, како и музика и видео од холандските композитори Ханс Тимерманс, Јорит Таминга, Катерина Пејоска, Хуго Вервеј, Тарик Бари и Марсел Виркс. Од македонска страна, како изведувачи на акустични инструменти ќе настапат Билјана Камчева на флејта и Ирена Петровска на виола. Во спомнатиот период се одржуваат четири мастер часови за влијанието на технологијата во современата музика и ќе бидат изведени пет концерти во Битола, Штип, Тетово и Скопје. Станува збор за концерти и музички работилници коишто ќе бидат одржани во музички училишта, и тоа во Средно музичко училиште во Битола (каде што се одржа вчера), во штипското средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ денеска, а утре проектот ќе биде претставен во СМУ „Тодор Скаловски“ во Тетово и во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и Факултетот за музичка уметност во Скопје. Завршниот концерт кој е посветен на пошироката публика ќе се одржи на 18. декември во 21 часот во ГЕМ КЛУБ – Менада во Старата скопска чаршија.За сите настани влезот е слободен.„Урбани Резонанци“ е всушност втор во серијата проекти кој произлегува од долгогодишната стратегија за музичка соработка меѓу двата организатора. Првиот беше експериментален проект, кој наиде на позитивен одѕив меѓу домашната и странската публика насловен со „Технологијата навлегува во традицијата“, којшто се одржа од 9. до 23. јули минатата година во Охрид. Во него беа вклучени по десет учесници од Македонија, инструменталисти и од Холандија – музички технолози. Работата на младите музичари беше заокружена со издавање аудио ЦД од концертот и ДВД–филм од Александар Спасоски./крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Недела на полски филм во Кинотеката на Северна Македонија

Кинотеката на Северна Македонија, во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организира настанот „Недела на полски филм“, што ќе се одржи од 12 до 17 мај 2025 година, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела ќе започне на 12 мај (понеделник) во 20:00 часот со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987), ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА(Green Border/Zielona granica, 1923) и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015)
Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.
Култура
Камерното трио „Анимато“ утревечер со јубилеен концерт „Квинтесенца“, влезот е бесплатен

По пет успешни години на музичко творештво и настапи на домашната и меѓународната сцена, Камерното трио „Анимато“ ќе го прослави својот јубилеј со свечен концерт насловен „Квинтесенца“. Настанот ќе се одржи утре, 12 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Даут Пашиниот амам во Скопје, во организација на Националната галерија.
Триото во состав Даниела Неделковска (флејта), Симона Марочковска-Манојловска (флејта) и Светлана Димитриевска (пијано), ќе ја претстави својата препознатлива уметничка енергија низ програма која вклучува дела од Доплер, Прокопиев, Илин и Шор.
Во текот на изминатите пет години, Трио Анимато се етаблираше како еден од најактивните камерни состави во Македонија, со настапи во земјата и странство, промовирајќи ја домашната музичка сцена и соработувајќи со бројни истакнати уметници и институции. Овој јубилеен концерт е заокружување на едно успешно поглавје и најавува нови проекти со уште поголема посветеност кон уметничкиот развој и културната промоција.
Влезот е бесплатен за посетителите, а љубителите на класичната музика се поканети да бидат дел од оваа музичка прослава и да уживаат во виртуозната изведба на триото кое го слави своето постоење токму таму каде што традицијата и современоста се сретнуваат – во срцето на Старата скопска чаршија.
Дополнителни информации за концертот може да се најдат на официјалните канали на Националната галерија и Трио Анимато.
Култура
Со книгата „Прличев и епската традиција“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Прличев

„Прличев и епската традиција“ е новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски, со чија промоција во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Григор Прличев.
Промоцијата на „Прличев и епската традиција“ од Митевски и чествувањето на 195-годишнината од раѓањето на вториот Хомер ќе се одржи утре, 12 мај (понеделник), со почеток во 19 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
„Книгата што е објавена годинава претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот. Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век“, велат од „Матица македонска“.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај. Покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти. Меѓу изданијата што овојпат „Матица македонска“ ги овозможи со исклучителен попуст се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Со цел книгата на македонски јазик, навистина, и натаму да е сѐ поприсутна во секој дом, попустот се однесува и на најактуелни изданија.