Култура
Романот „Дваесет и првиот“ и на српски јазик

Романот на македонскиот автор Томислав Османли „Дваесет и првиот“, годинава ќе биде преведен на српски јазик а ќе се појави во издание на реномираниот белградски издавач „Стубови културе“
Македонскиот писател Томислав Османли, веќе го потпиша договорот за објавување на неговата книга во Србија. Романот „Дваесет и првиот“, влезе во издавачката програма за 2011 г. на угледниот белградски издавач „Стубови културе“. Инаку, книгата на Томислав Османли во издание на скопската издавачка куќа „Блесок“ годинава ја освои наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Романот беше избран и за македонски кандидат за наградата „Балканика“ на чиешто неодамнешно доделување во Валона се натпреваруваше во конкуренција со шест други значајни балкански автори и книжевни дела создадени во 2009 г., при што според гласањето на меѓународното жири изби на второто место, веднаш зад годинашниот добитник на наградата познатиот албански книќевник Исмаил Кадаре кој долги години живее во Париз. По тој успех зголемено е интeресирањето за македонскиот книжевен претставник, меѓу другото и на книгоиздателството „Стубови културе“ кое имаше свој претставник во Валона.Романот „Дваесет и првиот“ на српски треба да го преведе истакнатиот преведувач и есеист Зоран Пауновиќ. Инаку, авторите на издавачката куќа „Стубови културе“ се од редот на најистакнатите писателски имиња на Србија, како Душан Ковачевиќ, Давид Албахари, Светлана Велмар – Јанковиќ, Љубомир Симовиќ, Радослав Петковиќ, Вида Огњеновиќ, Драган Великиќ и др. Книгоиздателството „Стубови културе“ поретко објавува преводи, а романот на Османли ќе биде прва македонска книга објавена во оваа издавачка куќа. Како што е веќе информиравме, романот „Дваесет и првиот“ годинава ќе се појави и во Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.