Култура
Нацоски настапува во Рим на омажот за Бритн

По настапите во Скопје, на Василичарските концерти во Македонската опера и балет, денеска итнернационално признатиот македонски тенор Благој Нацоски ќе одржи концерт во Рим.Покрај Благој Нацоски, на овој концерт ќе настапат и контратенорот Луиџи Скифано, како и вокалниот ансамбл „Ил џоко деле парти“ предводени од диригентската палка и пијано придружба на маестро Алесандро Д‘Агостини.Концертот ќе се одржи во Сала Имаколата во комплексот Санти Апостоли во историскиот центар на италијанската престолнина.Програмата на концертот претставува омаж на Бенџамин Бритн (1913-1976), најголемиот британски композитор на 20-от век.„Бенџамин Бритн е еден од моите омилени композитори, а го сметаат за најпознатиот англиски композитор на 20-от век и е еден од универзално најсаканите и најизведуваните современи музичари, што се објаснува со фактот дека поседувал голем капацитет за да ги отслика мистериите и сугестиите на секоја епоха со еден модерен и уникатен музички јазик. Toj бил композитор и еклектички изведувач. Со еднаков полет се посветил на потрагата по ажурен говор, на авангардијата и на античката музика. Подеднакво и ефикасно се посветувал на духовни и световни теми. Програмата што ќе ја изведеме е префинета и восхитувачка, предизвикува емоции и е разновидна; некои од делата ретко се изведуваат, но сигурен сум дека ќе имаат силен ефект и длабока сугестија кај слушателот“, изјави во пресрет на концертот Благој Нацоски.На концертот своето присуство го најавија амбасадорите на Република Македонија во Италија и при Светата Столица, Ѓоко Георгиевски и Велибор Топалоски.По овој настап Нацоски ќе замине за Лимож, Франција, каде ќе започне со проби за нова продукција на операта „Италијанка во Алжир“ од Џоакино Росини. Од оваа продукција ќе бидат изведени четири претстави, и тоа во Оперскиот Театар на Лимож и во Гран Театар на Екс Ан Прованс./крај/макфакс/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.