Култура
Словенечко-македонски културни зближувања
Со пригодна свеченост во Македонската опера и балет словенечката амбасада во Македонија вечерва ќе го обележи националниот празник во чест на најголемиот словенечки поет Франце Прешерн. Манифестацијата „Денови на Франце Прешерн“ во Македонија опфаќа повеќе настани
Свеченоста во МОБ, со почеток во 19 часот, содржи настап на хорот „Цицибани“, студентите на словенечки јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и музичко-сценска пиеса во изведба на хорот со кој раководи Томислав Шопов.„Почнувајќи од 1945 г. 8 февруари го славиме како државен и како културен празник на Словенија. Денот е поврзан со датумот на смртта на најзначајниот словенечки поет Франце Прешерн, кој е автор на прекрасниот „Сонетен венец“, но и на текстот на словенечката национална химна“, нагласи Ален Брајан Бергант, амбасадор на Република Словенија во Македонија.Годинава навршуваат 162 години од смртта на Прешерн. Во Словенија денешниот ден ќе биде обележен на највисоко ниво. Претседателот Данило Тирк ќе оствари средба со Словенците кои живеат во нејзините соседни држави Италија, Австрија, Унгарија и Хрватска. Претседателот на Собранието на Словенија, Павел Гантар, ќе има средба со словенечката дијаспора.Прославата на словенечкиот национален празник во Македонија ќе продолжи утре со отварање на словенечко-македонската изложба „Зближувања“ во Музејот на современата уметност во Скопје.„Словенија и Македонија имаат многу добри политички и економски односи. Со заедничката изложба на словенечка и македонска уметница се потврдува дека и на полето на културата сме многу блиски. Изложбата ‘Зближувања’ е придонес во токму во тој правец“ – изјави словенечкиот амбасадор на денешната прес-конференција.Идејата на изложбата „Зближувања“ е да се претстават два различни пристапи, две поинакви концепции на видувања кои, иако различни, сепак, зближуваат.На изложбата ќе бидат претставени по два циклуса на словенечката фотографка Метка Верњон, која живее во Женева, и на македонската уметница Наташа Димовска-Узуновска.Двете целини на Метка Верњон содржат серијата од 15 фотографии со наслов „Минувачи“ и 15 фотографии со наслов „Јапонски моменти“.„Иако сум родена во Словенија во текот на мојот живот имав можност да живеам во повеќе држави низ Европа и во Азија. Таа разновидност на пејсажите со кои бев окружена беше инспирација и за моите фотографии“, објасни Метка Верњон.Македонската фотографка Наташа Димовска – Узуновска ќе се претстави со една целина од осум фотографии со наслов „Кругови“, изработени со модерната Still Allive-техника, и со тематската целина „Магла“, каде со посебен пристап на изработка на фотографијата се добива колорит којшто остава импресија на „фото-акварел“.Двете уметници првпат заедно изложуваат во Македонија, иако нивното пријателство трае одамна. Од заедничките разговори и дружења во Женева, Швајцарија, каде во еден период двете работеа, се родила идејата за нивната изложба во Скопје. Има намери во догледно време истата да биде поставена и во Словенија.Словенечко – македонската изложба „Здружувања“ во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена на 8 февруари во 19 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

