Култура
Стар чун лежи на дното на Охридското Езеро

Стар дрвен пловен објект – моноксил, лежи на дното на Охридското Езеро кај Св. Наум, јавува Охридњус
Тој бил пронајден минатиот септември од охридските нуркачи Александар Булески и Никола Паскали, инаку студент по археологија, по кажувања на локалниот жител Миле Крстаноски.Чунот изработен од труп на дрво релативно добро е сочуван во езерските води, но точната негова старост не се знае, бидејќи покрај него не е пронајден друг движен археолошки материјал.„Единствен начин да се утврди староста на чунот е да се изврши хемиска анализа со таканаречениот метод „Ц-14“, но во Македонија тоа не се прави“, вели Никола Паскали.Според него пловниот објект може да е од релативно поново време, но може да е и многу стар.Ваков пловен објект во Охридското Езеро досега не е најден, додека во Преспа се пронајдени повеќе вакви пловила, посочуваат младите нуркачи.„Кога го пронајдовме чунот го документиравме и ја информиравме Управата за заштита на културното наследство од каде ни беше кажано дека оваа година не се предвидени средства за подводна археологија“ велат Александар и Никола, според кои пронајдениот пловен објект недвосмислено укажува дека луѓето кои живееле тука од многу одамна ги користеле водните патишта за комуникација.Нуркачите сметаат дека би било добро пронајдениот пловен објект да остане под вода, но да се заштити, бидејќи така би претставувал своевидна туристичка атракција, а би било убаво да се направи и копија од него која би била изложена како музејски експонат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Проекција на седум кусометражни играни филмови во Кинотека

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.
Култура
Ликовна изложба „Beauty spot 3“ на Иван Аџиевски

На 8 јули ќе биде отворена ликовна изложба со наслов „Beauty spot 3“ на авторот Иван Аџиевски. Изложбата ќе биде отворена во 20.00 часот во монтажната-мобилна галерија во Паркот на франкофонијата.
На изложбата ќе бидат изложени слики работени во комбинирана техника со микс на медиуми на кои е претставен женски лик и акт во експресионистички манир со делумна апстракција каде субјектите имаат изразено издолжени портрети и физиономии.
Тие се продолжеток на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти претставени на изложбите Beauti spot I и Beauti spot II. Секоја слика има различна претстава на темата со ново искуство доживување и енергија.
Изложбата е дел од програмата за 2025 година на Центарот за современи уметности за реализација на изложби во Мобилната Галерија – Парк на Франкофонија.
Култура
Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во македонскиот КИЦ во Софија

На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на класичната музика преку интерпретација на дела од Ј. С. Бах, Ф. Шуберт, Ф. Лист и А. Скрјабин.
Настанот ветува уникатно музичко патување, кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба.
Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г и магистрира.
Во 2018 година се запишува и на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.
Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 година настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади (како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола. Во 2024 година настапува во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.
Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.