Култура
Следниот филм на Вуди Ален ќе се снима во Рим

Вуди Ален кој последните неколку години работи во Европа, неговиот следен филм ќе го снима во Рим, пишува филмското списание „Варајети“ (Variety).
Вуди Ален кој последните неколку години работи во Европа, неговиот следен филм ќе го снима во Рим, пишува филмското списание „Варајети“ (Variety).„Ја обожувам оваа исклучителна престолнина со древна култура. За мене тоа е секогаш како изјавување љубов, пренесено на екранот. Се надеваме дека со Рим ќе го добијам истото…“, ја цитира списанието изјавата на славниот режисер. Вуди Ален влезе во историјата на филмот, првенствено како своевиден хроничар на Њујорк. Но неговиот комплициран однос со филмските продуценти на крајот го доведе режисерот во Европа, каде што самиот процес на снимање и создавање филм е далеку поевтин отколку во САД. Дејствието на неговиот последен филм „Полноќ во Париз“ (Midnight in Paris), се случува во главниот град на Франција, а во една од споредните улоги се јавува и првата дама на Франција Карла Бруни-Саркози. Во Лондон, Ален ги сними во 2005 г. „Match Point” , „Сензација“ (Scoop, 2006) и „Сонот на Касандра“ (Cassandra’s Dream, 2007) со кој дебитираше на филмскиот фестивал во Венеција. Шпанија во 2008 г. беше сценографија за „Вики, Кристина, Барселона“ (Vicky Cristina Barcelona). Како ќе биде заглавието на римскиот филм и кој во него ќе ги толкува главните ролји се уште не е познато, но Вуди Ален признава дека снимањето ќе започне во текот на летото, а тој предвидува тоа да се случи за време на римските празници. Покрај атмосферата, свој придонес при изборот на местото за снимање на филмот одиграло и даночното олеснување од 25 отсто обезбедено за странските продуценти во Италија, пишува Variety. Вуди Ален веќе има снимано во Италија. Во 1996 г. во Венеција беше снимен дел од неговата музичка комедија „Сите велат – те сакам“ (Everyone Says I Love You)./крај/в/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.