Култура
Поинаков 8-ми Март со „Шивачките“ на Билјана Гарванлиева
Во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје завршува второто издание на Women’s Rights Nights, организиран од Канцеларијата на жени на ОН во Скопје, Институтот за родови студии при Филозофскиот Факултет и Универзитетот за аудио-визуелни уметност
Со проекцијата на документарниот филм „Шивачки“ (Македонија / Германија, 2010, 30 мин.) во режија на Билјана Гарванлиева, ќе се заокружат програмските активности на второто издание на Women’s Rights Nights, четиридневен настан организиран од Канцеларијата на жени на ОН во Скопје, Институтот за родови студии при Филозофскиот Факултет и Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА од Скопје.Завршната вечер на Women’s Rights Nights, покрај проекцијата на филмот „Шивачки“, предвидува и дискусија на тема „Феминизација на сиромаштијата“, во која ќе учествуваат Билјана Гарванлиева, македонска режисерка на документарни филмови која живее и работи во Германија, професорката Милева Ѓуровска, од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, и Лилјана Јанкуловска од Сојузот на Синдикатите на Македонија.Филмот „Шивачки“ на Гарванлиева е трето нејзино документарно остварување. Во последниве пет години, покрај филмот што вечерва ќе се прикаже, македонската режисерка ги сними и документарните филмови „Девојчето со хармоника“ и „Тутуноберачката“. Главниот акцент во филмовите на Гарванлиева е ставен на функцијата и условите во кои живее жената во македонското современо општество.Филмот „Шивачки“ е добитник на повеќе награди, меѓу кои, за најдобар документарен филм на Сараево филм фестивал во 2010 година.Проекцијата на филмот и тематската дискусија со почеток во 20 часот ќе се одржат во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје.По тематскиот дел на настанот во „МКЦ Клуб ресторан“ следува коктел-забава по повод 8-ми март со промоција на Канцеларијата на жени на ОН во Македонија, изложба на фотографии и промоција на календар. Влезот за проекцијата и за забавата е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

