Култура
Ексклузивна програма на фестивалот „Панфиз“
Од 11 до 16 март, во МНТ и Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи четвртото по ред издание на единствениот фестивал за пантомима и физички театар „Панфиз 2010“
Селекторот и организатор на фестивалот, актерот Трајче Ѓеорѓиев, вели дека годинава на програмата се претстави кои изминатата година биле предизвик за многу други интернационални фестивали низ светот. Покрај класичните пантомимичарски форми, на програмата се застапени и танцувачки претстави, претстави во кои изобилува физичкиот театар. Годинава во рамките на фестивалот, ќе гостува и буто – претстава во изведба на „Су – ен буто компани“ од Шведска.„Фестивалот ќе биде отворен од пријателите на „Панфиз“, романската група „Дан Пурик“ со претставата „Фантазмагорика“. Во наредните вечери се до 16 март ќе бидат изведени уште пет претстави со артисти од Данска, Израел, Полска и Шведска.Секоја година, овој фестивал наидува на голем интерес кај македонската публика и се надеваме дека оваа година ќе се повтори истиот успех“, вели Трајче Ѓеорѓиев.Фестивалот е поддржан од Министерството за култура. Претставите ќе бидат изведени на сцените на МНТ и Младинскиот културен центар во Скопје.Фестивалот има натпреварувачки карактер, на кој се доделува награда за најдобра претстава. За победникот, ќе одлучува тричлено жири кое ќе биде соопштено вечерта на отворањето на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ повторно на сцената на МОБ: спектакуларна оперета на 26 декември во Скопје
По три одлични изведби, „Лилјакот“ ќе се изведе повторно на големата сцена на МОБ за вечер исполнета со музика, хумор и емоции, културно доживување што ја освои пуб-ликата и критиката, соопшти организаторот.
„Македонската опера и балет со гордост ја најавува четвртата изведба на оперетата „Лилјакот“ (Die Fledermaus) од Јохан Штраус II, која ќе се одржи на 26 декември 2025 година. По две претходни изведби што предизвикаа бурни аплаузи, високи оценки од публиката и критичката фела, ова ремек-дело на класичната музика се враќа како еден од најочекуваните културни настани во декемврискиот репертоар.
„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи“.
Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.
Доколку ја пропуштивте претходната изведба, ова е вашата можност да бидете дел од ова празнично културно искуство и да ја почувствувате магијата на „Лилјакот“ во живо, вели организаторот.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.

