Култура
Промоција на „Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов

Во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Азбука и залутани записи“ на Иван Шопов
Станува збор за деби-книга на млад автор, кој победи на конкурсот „Новите!“ во 2010 година. Конкурсот и изданието на книгата на победникот ги објавува книгоиздателството „Темплум“.Збирката „Азбука и залутани записи“ е составена од повеќе од шеесетина, главно, куси-куси раскази. Станува збор за духовита, динамична и младешка проза, која својата енергија и привлечност ја црпи од неколку нивоа. Во книгата може да се прочитаат автореференцијални поигрувања, користење црн хумор, но и сериозен дијалог со одредени книжевни модели и жанрови.Иако млад, Шопов се претставува како релативно зрел автор кој има низа релевантни познавања од историјата на книжевноста. Првиот циклус раскази е моделиран околу буквите во македонската азбука. Овој циклус може да се чита како некој вид книжевна пародија на Букварот, некој вид бизарен анти-Буквар.Во вториот дел доминираат раскази во кои релативно доследно се користи постапката на класичната книжевна фантастика, но со примеси на црниот надреализам. Најголем дел од расказите се динамични и духовити, реалноста е изгонета од текстот, а авторот често се доближува до надреалистичкиот вкус за убавото спојувајќи два или повеќе најчесто неспоиви елементи.Како писател, Иван Шопов е автор кој, пред сè, е вљубеник во приказната – тој верува дека самата приказна, со својата логика и логичен систем, е доволна да го постигне спознајниот ефект.Авторот Иван Шопов е роден во 1987 година во Скопје, каде завршува основно и средно училиште. Моментално е апсолвент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавувал свои раскази и песни во неколку списанија. Збирката „Азбука и залутани записи“ е негова прва книга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
„Црногорски филмски плакат“ во Кинотека

Во Кинотеката вчера беше отворена изложбата „Црногорски филмски плакат“.
На пригодната свеченост, со запазување на здравствените протоколи, изложбата ја отворија амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ и директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
Во фоајето на Кинотеката се изложени 40-тина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти – реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век, но и од поновиот период. Повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција на филмскиот режисер Момир Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери.
Амбасадорката Марија Петровиќ посочи дека е голема чест и задоволство што деновиве во Скопје е изложена поставката „Црногорски филмски плакат“ на Момир Матовиќ.
„Оваа изложба е само продолжение на културните активности што ги спроведува амбасадата на Црна Гора во Македонија, со цел да се претстават црногорската култура и идентитет на македонската јавност. Во оваа мисија имаме голема поддршка од македонските институции и пријатели, без чија помош не би била можна реализацијата на вакви културни активности. Изработката на филмски плакат е важна за секоја филмска продукција, бидејќи претставува своевиден пропаганден материјал, кој на најдобар и најсугестивен начин и овозможува визуелен контакт на публиката со тоа што ќе го види. Би повторила дека е големо задоволство што ја имаме оваа изложба во македонската Кинотека – затоа што таа, на некој начин, е сведоштво и на специфичната, и на општата и на комерцијалната култура. Исто така, изложбата „Црногорски филмски плакат“ е сведоштво и на културното наследство на Црна Гора, за овој одреден временски период што го покрива.“ – истакна Петровиќ.
„Црногорската кинематографија, во текот на своето создавање, по Втората светска војна, опстанокот и денешното битисување, со продуцираните филмови, изборот на темите, визуелниот идентитет, наградите и признанијата на домашните и светските фестивали, стана незаобиколен сегмент од црногорското културно наследство.“ – се вели во предговорот на монографијата „Црногорски филмски плакат“.
Изложбата „Црногорски филмски плакат“ е своевиденвиртуелен музеј на црногорската кинематографија во кој можете да сретнете разни филмски стилови и теми, од разни автори (меѓу другите: Живко Николиќ, Здравко Велимировиќ, Вељко Булаиќ,итн.), какои мноштво врвни црногорски и и екс-југословенски актери, но и некогашните филмски ѕвезди – и од Истокот (Сергеј Бондарчук) и од Западот (Џозефина Чаплин)…
Изложби
Фотографска изложба на Игор Христов – Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите

Фотографската изложба на Игор Христов „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ ќе биде отворена денес (4 март 2021 г.) во КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, со почеток од 17:00 часот.
„Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ е документарна фото изложба од 20 дела, фотографирани во три држави: Тајланд, Перу и Еквадор. Темата која ја обработува изложбата е од социјален карактер и следи луѓе кои спијат во јавна околина: по улиците, по пазарите, парковите, станиците.
„За да ги направам овие фотографии ме инспирира храброста на тие случајни сонувачи да си го отпуштат телото и удобно да се наместат пред илјадници минувачи и слатко да потонат во друга реалност. Тие спаѓаат во групата на сонувачи, а не на спијачи!
Сонот е уметност, сите кои сонуваат несвесно градат едно уметничко дело со слики, ситуации, карактери, симболи, исто како и филмскиот режисер или поетот.“
Игор Христов, роден 1982 г. во Скопје, е филмски режисер и пасиониран фотограф. Како тинејџер завршува курс по фотографија во „Народна техника“. Во 2003 година се запишува да студира во Националната Академија за филм во Софија, Бугарија, смер филмска и телевизиска режија. Како студент има можност да снима 3 кратки филма на 35 мм лента, кои филмови учествуват на бројни филмски фестивали. Во 2010 г. магистрира на тема „Естетиката на Магичниот реализам во киното“ Неговите кратки филмови се наградени во Јапонија ,Кина, Полска, Чешка, Шпанија, Турција. Ова е негова прва самостојна фото изложба .
Отворањето на изложбата ќе се одвива со почитување на мерките за справување со COVID-19.
Официјалниот дел на вечерта е предвиден за 17:00 часот, по што посетителите кои ќе дојдат покасно ќе можат да го видат видеото од официјалното обраќање на директорот и авторот.
Книги
Македонската сликовница „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева е достапна на три континенти

По изданието на македонската сликовница „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева од една од најпознатите европски издавачки куќи „Трамунтана“, ова детско издание ќе може да се чита на шпански јазик и во сите држави во Латинска Америка, како и во САД. Илустрациите се на шпанската илустраторка Моника Каретеро, а сликовницата е издадена на шпански и на каталонски јазик и веќе неколку месеци може да се најде во книжарниците во цела Шпанија.
„Џиновска продавница за фантазии“ беше промовирана во 2019 година во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“.
Оваа книга ја претставува детската фантазија сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува од другите по својот џиновски формат. Дополнително, станува збор за второ издание за деца на Георгиева, на која ѝ претходи сликовницата „Ото, Ото и Ото“.
Бистра Георгиева и Моника Каретеро, која е една од најпознатите европски илустраторки, соработуваат вторпат. Само еден сегмент од биографијата на Каретеро е дека таа е авторка на повеќе од 70 книги издадени во Шпанија, Англија, Австралија и во САД, а добитничка е и на повеќе престижни награди, меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и шпанскиот саем на книги.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа1 недела
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер