Култура
„Танц фест“ во вторник навечер
Фестивалот за современ танц „Танц фест“ ќе биде свечено отворен со гостување на Сакапино балетот од Ротердам, во вторник навечер во Македонската опера и балет (МОБ) со почеток во 20 часот
На отворањето, ротердамскиот скапино балет ќе претстави триделна програма „Холанд“, „Браво Чарли“ и „Бесвинг“, а на проф. Елисавета Кушовска ќе и’ биде доделена наградата „Менада“. Специјална награда „Менада“ ќе му биде доделена и на Самоил Вуерстен, уметнички директор на Холандскиот денс фестивал, за неговата поддршка за отворање на Танцовата академија во Скопје. Наградата ќе му биде врачена на затворањето на Танц-фест во МОБ.Предиграта во која ќе учествуваат повеќе балетски студија е наречена како и мотото на фестивалот „Танцот и ние. А вие?“.„Почестени сме што сме дел од овој фестивал. Ние сме најстарата танцова компанија во Холандија формирана во 1945 г., но сме најмлади во однос на свежината и новината на репертоарот. Програмата утре е вистинска слика на она што сме. Ќе гостуваме со 14 танчери, а нашиот постојан број е 20. Најголем дел од репертоарот е креиран специјално за нашата компанија. Се надеваме дека на вистински начин ќе допреме до публиката Убавината на танцот е во неговото изразување, јазикот е интернационален и исто разбирлив и во Холандија и Македонија“, истакна Ед Вуб уметнички директор на Скапино балет и успешен кореограф.„Јас сум огромен фан на современиот танц затоа што го презентира минатото, но и го отсликува општеството во кое што живееме и ги отвора хоризонтите,“ истакна холандската амбасадорка Симоне Филипини која за овие четири години даде несебична поддршка во развојот на современиот танц во Македонија.„Фестивалот станува еден врвен настан кој го следат европски уметнички директори, новинари и очекувам во тие осум-девет дена колку што ќе трае да биде едно збиралиште на сите кои се заинтересирани да видат што се случува на европската танцова сцена“, рече Рисима Рисимкин, уметнички директор на Танц-фест.На прес-конференцијата присуствуваа и танчерите Бесим Хоти, Ралица Маленовнова и Брендон О’Дил кои го истакнаа задоволството од гостувањето во Македонија и учеството на „Танц фест“. На фестивалот ќе има и повеќе други почесни гости, кореографи и претставници на танцови ансамбли од Европа, а ќе дојде и претседателот на Меѓународниот комитет за танц (CID) при УНЕСКО, Алкис Рафтис.Во рамки на седмото издение на Танц-фест ќе гостуваат и танцови компании и балети од Загреб, Косово, Санкт Петербург и Балетот од Истанбул кој со класичната хит-претстава „Дон Кихот“ на 12-ти април во МОБ ќе го затвори годинашниот Танц фест во Скопје. Фестивалот ќе гостува и во Битола, каде што на 13-ти април ќе биде свеченото затворање на манифестацијата со проектот „Меѓусвет“ на студентите од Танцовата академија во Скопје што во рамки на Универзитетот ЕСРА работи од септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

