Култура
Дуке Бојаџиев пред големиот предизвик – концерт во њујоршки Карнеги хол
Нашиот музичар со меѓународно реноме Дуке Бојаџиев ја дооформи екипата и започна со завршниот циклус проби за претстојниот концерт во една од најпрестижните светски сцени – њујоршки Карнеги Хол
Како што пред извесно време беше најавено, на 16-ти април њујоршката публика ја очекува веројатно досега најамбициозното претставување на современата авторска македонска музика, но и на таа со изворен предзнак, од еден од нејзините најекспонирани репрезенти, каков што е Дуке Бојаџиев. Тој ќе го изведе својот проект „Love is the way“ и теми од филмовите „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Војната заврши“ на Митко Панов и „Созерцание“ на Иво Трајков.На концертот гости на македонскиот музичар ќе бидат истакнатите музичари и соработници: Анџела Мекласки – вокал, нејзиниот сопруг Пол Kантелон – виолина (светски признат автор на музика за филмовите на Оливер Стоун, Џулијан Шнабел, Шекар Капур,…), холивудскиот актер – добитник на наградата Еми, Иан Букенан – поезија, Ара Динкјиан – уд, потоа нашиот кларинетист Васко Дуковски, пијанистката Јасна Поповиќ, Оливие Самуилан на виола, вокалистите Влада Томова и Крсте Роџевски, во придружба на наградуваниот гудачкиот квартет „Атака“ составен од дипломци на Џулијард и перкусионистите Матијас Кунзли и Мат Килмер. Треба исто така да се напомне дека овој проект на Бојаџиев особено важен за промоција на македонската музика и култура е поддржан и од Министерството за култура на Република Македонија.Дизајнот на финалниот плакат и придружниот флаер е на Бојан Кртолица. Со оглед на големиот интерес за проектот „Love is the way“ и во македонската јавност (носачот на звук се појави во издание на Скопскиот џез фестивал), се очекува истиот во текот на годинава концертно да биде претставен и пред македонската публика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.
Култура
Кавадарци го слави „Месецот на театарот“ со премиера на Чехов и богата програма во Домот на културата
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Во четврток, на 13 ноември 2025, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата Кавадарци, премиерно ќе ја одигра претставата “Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов. Претставата е состав на две едночинки. Режијата е на Микица Илова.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков , Ивана Секуловска ,Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов , Мартина Илиевска. Суфлер: Дијана Мишова; Костимограф: Сара Милевска; Сценска подршка: тим на Дом на култура Кавадарци; Светло/тон: Пепи Ангелов.
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци е и организатор на манифестацијата “Месец на Театарот“ која годинава се оддржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на Театарот при Домот на кутурата Кавадарци изминатите децении.
Официјалниот распоред е:
15.11 (сабота) Свечено отворање на манифестацијата со Изложба на театарски плакати
15.11 (сабота) “Ухљеби“, ДРАФТ Театар, Тузла, Босна и Херцеговина
17.11 (понеделник) “Петок 13“, Народен Театар Струмица
19.11 (среда) “Предлог за брак/Мечка“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
22.11 (сабота) “Госпоѓа Министерка“, Театар “Џинот“, Велес
25.11 (вторник) “Смртта на еден човек на Балканот“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
Сите претстави започнуваат од 19 часот.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()


