Култура
Саемот на книга ќе се одржи од 12 до 17 април
Меѓународниот саем на книгата ќе се одржи од 12 до 17 април во Метрополис арена, на Скопски саем
На 23-тото издание на саемот за книгата, 4.000 квадратни метри ќе бидат исполнети со издавачи преку Здружението на издавачи и книжари, Здружението на албански издавачи, изданија на голем број домашни и странски автори преку издавачите и нивните застапници од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Италија, Велика Британија. Во промотивниот центар во галеријата секојдневно ќе се одржуваат промоциите на новите изданија. Скопски саем, оваа година го промовира саемот на книгата под мотото “Подари книга, подари богатство”, поддржувајќи ја токму книгата како најсоодветен подарок за сите пригоди: родендени, имендени, јубилеи, празници. Со помасовно подарување книга, сите засегнати страни во процесот на подарување добиваат: оној што подарува – подарува вредна работа, оној што го добива подарокот – добива нешто што останува, нешто што облагородува, а издавачката дејност опстојува.Поттикнати од овогодинешното мото на саемската манифестација и враќање на традицијата за подарување на книга посебно кај младата популација, Скопски саем преку познати личности од различни области: актери, пејачи, водители, новинари, луѓе од светот на модата, ќе дадат поддршка за акцијата “Подари книга, подари богатство”. Токму овие личности ќе купат книга за да подарат богатство на своите најмили.Покровител на саемот за книга е Министерството за култура на Република Македонија – кое ќе биде присутно со свој автентичен штанд, со кој што нашата држава се промовираше и на саемот на книга во Франкфурт. Целокупната презентација на Министерството за култура на РМ најмногу ќе се осврне на 50 години Струшки вечери на поезијата, како и Презентирање на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. На штандот по повод јубилејот од 50 години Струшки вечери на поезијата ќе бидат изложени портрети на сите добитници на “Златен венец” како и книгите од лауреатите, а воедно и некои ретки изданија од Струшките вечери на поезијата. Поетското читање на песната Т’га за југ ќе биде изведено на 15 светски јазици, а целокупната програма ќе биде пропратена со емитување на филмско дело по повод “50 години Струшки вечери на поезијата”. Саемот ќе го отвори Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска во понеделник на 11 април, во 19 часот.Влезот за посетителите е од 12 до 17 април од 10 до 20 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

