Култура
Промовиран романот „Полиња со диви нарциси“ на Винка Саздова
„Полиња со диви нарциси“, е новиот роман на Винка Саздова којшто беше промовиран во четвртокот навечер во книжарницата „Три“
На промоцијата на „Полиња со диви нарциси“ присуствуваа голем број пријатели на авторката Винка Саздова и почитувачи на нејзиниот пишан збор. За романот зборуваше Елизабета Шелева, а настанот го збогати и музичката група „Љубојна.“ „Љубовтa, смртта, самотијата имаат суштинска потреба од нарација, од озборување. Тие трагаат по збор што ќе ги овековечи оти се толку кревки, ранливи и недобродојдени, неблагопријатни за овој егзекутивен свет во кој сега сите ние постоиме и кој од нас очекува дела, а не емоции. Се чини дека во тој и таков свет само како зборот да останува единствениот паметник и достоен споменик и свидетел, на таквите драматични состојби. Зборот не е само орудие, не е само шифра за влез во една душа туку е зборот и болка, а во уметноста и украс,“ рече меѓу другото Елизабета Шелева. „Со оваа книга посакав сите ние да зачекориме на своето поле и на својата ливада со диви нарциси во своите спомени, во своите сеќавања, онаму каде што е семејството, љубовта, каде што сум најчистиот јас, онаму каде што секогаш посакувам да бидам. Тоа мое поле е диво и питомо во исто време. И нарцисот воопшто не е кревок, таму дуваат ветришта, таму има студови, а тој зрачи и свети како сонцето. Тоа и го посакувам, колку и да дуваат ветришта ние опстојуваме и му се радуваме и на денот и на сонцето и даваме светлина,“ рече Винка Саздова Полиња со диви нарциси е необична приказна за љубовта и неверството. Писмото што останува непрочитано во џебот од едно палто е причина за едно долго патување кон секој изминат и иден миг од животот. Сто и осум жолти ливчиња со непроменливата порака: Разбуди ме. Страниците од дневникот, испишани во потрагата по себе, се единствената нишка во лавиринтот на љубовта. Митови што еманираат од нашето најсекојдневно постоење. Доброволни прогонства и разделби ни ги отвораат портите кон вечноживите детства. Мириси што можат да ги разбудат најскриените агонии на животот, секогаш еден чекор пред нас. Како можеме да го пронајдеме она што не сме ни занеле дека воопшто ни припаѓа. Противречноста на исчекувањето. Да се проникне во човекот е исто како тој повторно да се роди. Дали тоа, што еднаш суштински се скинало, може совршено да зацели? Центарот за грижа на деца на улица изработи прекрасни хартиени нарциси наменети за присутните, а со симболичната донација средствата беа наменети во хуманитарни цели. „Полиња со диви нарциси“ е втор роман на Саздова. Нејзиниот прв роман „Последниот чај“ за година и пол доживеа пет изданија и преведен е на српски, хрватски и бугарски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

