Култура
Магазин „Револвер“ и Ново германско кино
Од денеска до 11 април во Кинотека на Македонија ќе се прикажува циклусот „Ново германско кино“, кој ќе биде проследен со дискусии и работилница во кои ќе учествуваат гости од германското филмско списание „Револвер“.
Од денеска до 11 април во Кинотека на Македонија ќе се прикажува циклусот „Ново германско кино“, кој ќе биде проследен со дискусии и работилница во кои ќе учествуваат гости од германското филмско списание „Револвер“.Магазинот „Револвер“ се објавува двапати годишно и презентира претежно долги интервјуа на уредниците со режисери, техничари, актери и филмски посредници. Разговорите делумно се настанати при средбите „Револвер во живо!“, кои се одвиваат пред публика или преку индивидуални интервјуа. Главното прашање кое се поставува се однесува на „теоријата на практиката“. Тоа значи дека соговорниците не зборуваат за својата работа, туку за начинот, патиштата и филозофијата кои ги користат во работата.Магазинот е основан во 1998 година од Кристоф Хохојзлер, Беџамин Хајзенберг и Јенс Бернер. Во текот на 13 години постоење и 23 изданија магазинот „Револвер“ се разви од студентска иницијатива во институција на германската филмографија.Коуредници на магазинот се Николас Вакербарт, Франц Милер и Заскиа Валкер, кои и самите се режисери. Како соработници во уредништвото на списанието учествуваат и филмскиот куратор Ханес Бривилер и сценаристот Маркус Зајберт.Програмата на циклусот „Ново германско кино“ ќе започне во 20 часот со разговори со Заскија Валкер, Франц Милер и Николас Вакербарт, кои ќе зборуваат за активностите на магазинот „Револвер“. Модератор на разговорите ќе биде Вибке Штадлер, културна менаџерка од Германија која што веќе две години работи во Скопје.Во продолжение на вечерта, во 21.30 часот, ќе биде прикажан филмот „Виновен сум“ на режисерот Кристоф Хохојзлер.До 11 април во Кинотека на Македонија ќе се одржи работилницата „Митот на импровизацијата – Можности и граници“ и ќе бидат прикажани седум германски филмови проследени со дискусии и разговори со гостите од Германија.Циклусот „Револвер – ново германско кино“ е во организација на НВО „Контрапункт“ во соработка со Кинотека на Македонија. Настанот е поддржан од Канцеларијата за врски на Гете-институт во Скопје и фондацијата „Роберт Бош“./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Распишан е конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Култура
Мултимедијалната изложба „Реминисценции“ на Страхил Петровски на 30 декември во Њујорк
Македонскиот визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември 2025 година ќе ја отвори својата мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ во Македонскиот културен центар во Њујорк, во Галерија МЦ (Gallery MC).
Изложбата ќе биде отворена од 18 до 21 часот, а публиката ќе може да ја посети до 9 јануари 2026 година. Станува збор за најновиот циклус на Петровски, кој опфаќа големоформатни индустриски хартии со димензии до 530 x 83 сантиметри, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи кои, како што е наведено во кураторскиот текст, добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор.
Кустос на изложбата е историчарката на уметност Сандра Деспотовиќ, која во текстот посочува дека „Реминисценции“ ја означува новата креативна ера во творештвото на Петровски, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет. Во делата доминираат три бои – белата, црвената и црната – кои, како што се наведува, асоцираат на светлината, земјата и празнината, а визуелниот израз е поврзан со индустриски и прогресивен рок како културна и естетска референца.
Изложбата во Њујорк е дел од серијата самостојни изложби „Реминисценции“, кои Петровски ги реализира во текот на 2025 година во повеќе европски и светски културни центри, меѓу кои Париз, Скопје, Битола и други градови.
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност, а делата му се застапени во јавни и приватни колекции во земјата и во странство. Петровски е член на ДЛУМ од 1997 година и на ДЛУБ од 2025 година, а од 2024 година работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и како вонреден професор по фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет – Скопје.

