Култура
Истанбулскиот балет со „Дон Кихот“ утревечер на „Танц фест“
Балетот „Дон Кихот“ во изведба на Истанбулскиот балет ќе биде прикажан утревечер во рамките на „Танц фест“ на сцената на МОБ со почеток во 20 часот
Оваа претстава е една од најпродаваните во Истанбулскиот балет и претставува вистински хит. На грандиозната сцена, специјално подготвена за овој настап на гостите, публиката ќе види 60 танчери.„Со овој фестивал се прават културни мостови со целиот свет и е позитивна промоција за Македонија. Не можам да поверувам колку овој фестивал, за толку кратко време се разви многу. „Дон Кихот“ е малку поинаква претстава од оригиналната. Кога бев директор на Националниот балет во Португалија ја имав поставено оваа претстава, доста патувавме и постигнавме голем успех низ Европа. Последните три години, таа е една од најпродаваните на Истанбулскиот балет“, вели кореографот Мехмет Балкан, главен кореограф на сите балети во Истанбул, а пред две години и добитник и на специјалната награда на „Танц фест“ за поддршка во развојот на современиот танц во Македонија. Утревечер пред почетокот на претставата ќе биде доделена и специјалната награда на Самоил Вурстон, директор на „Холанд денс“ фестивалот и уметнички директор на „Код арс“ универзитетот. Претставата „Меѓусвет“ на Скопје танцовиот театар веќе доби покана за гостување во Хрватска. А голем исчекор напред е понудата од Скапино балетот за соработка со Скопје танцов театар, што практично значи дека нашите танчери ќе работат со танчерите на Скапино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска премиерно в четврток
В четврток (13.11) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одигра праизведбата односно премиерата на текстот „Сина сенка“ („Blue Shade“) од Брајан Рејнолдс во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ со почеток во 20 часот.
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Текстот отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата. Ова дело создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер а новите аранжмани се на Лука Тошев, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска. Преводот на оригиналниот текст е на Сашо Огненовски.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. После премиерата претставата ќе продолжи со редовни изведби , гостувања и учества на фестивали.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.
Култура
Кавадарци го слави „Месецот на театарот“ со премиера на Чехов и богата програма во Домот на културата
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Во четврток, на 13 ноември 2025, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата Кавадарци, премиерно ќе ја одигра претставата “Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов. Претставата е состав на две едночинки. Режијата е на Микица Илова.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков , Ивана Секуловска ,Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов , Мартина Илиевска. Суфлер: Дијана Мишова; Костимограф: Сара Милевска; Сценска подршка: тим на Дом на култура Кавадарци; Светло/тон: Пепи Ангелов.
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци е и организатор на манифестацијата “Месец на Театарот“ која годинава се оддржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на Театарот при Домот на кутурата Кавадарци изминатите децении.
Официјалниот распоред е:
15.11 (сабота) Свечено отворање на манифестацијата со Изложба на театарски плакати
15.11 (сабота) “Ухљеби“, ДРАФТ Театар, Тузла, Босна и Херцеговина
17.11 (понеделник) “Петок 13“, Народен Театар Струмица
19.11 (среда) “Предлог за брак/Мечка“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
22.11 (сабота) “Госпоѓа Министерка“, Театар “Џинот“, Велес
25.11 (вторник) “Смртта на еден човек на Балканот“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
Сите претстави започнуваат од 19 часот.

