Култура
Скопје филм фестивал во панк-стил
Скопје филм фестивал годинава ќе се одржи од 15 до 20 април. Проекциите на филмовите ќе се одвиваат во кино „Милениум“ и во киносалата на Кинотека на Македонија.
Скопје филм фестивал годинава ќе се одржи од 15 до 20 април. Проекциите на филмовите ќе се одвиваат во кино „Милениум“ и во киносалата на Кинотека на Македонија.Фестивалот ќе биде отворен на 15 април во кино „Милениум“ со премиерата на филмот „Панкот не е мртов“ на режисерот Владимир Блажевски. Во шест дена на фестивалот ќе бидат прикажани 40-тина филмови во селекциите Главна програма, Авторски филм и Ретроспектива на филмовите на полскиот режисер Кшиштоф Зануси. Селектори на програмите се Татјана Јаневска, Петар Митриќ и Владимир Ангелов.На фестивалот ќе се прикажува и Балканска селекција на кратки филмови, која е составена главно од македонски кратки филмови.Филм за затворање на фестивалот е „18 оброци“ на шпанскиот режисер Хорхе Коира, каде во една од главните улоги настапува македонскиот актер Милан Тоциновски, додека директор на фотографија е Бранд Ферро.На фестивалот ќе се прикаже и програмата „Скопје најнтис“, која содржи четири филмови што ќе се прикажуваат во чест на 20-годишнината на независноста на Република Македонија. Станува збор за филмовите „Маклабас“, „Светло сиво“, „Кокино“ и НЕП.Натпреварот за најдобар eдноминутен филм продолжува и годинава, а победникот ќе биде прогласен на затворањето на Фестивалот.„Ние сме среќни што воопшто правиме фестивал во град во кој воопшто не се оди во кино“ – изјави Иво Антов, директор на Скопје филм фестивал, на денешната прес-конференција.Фестивалот се реализира со буџет од околу 6,5 милиони денари, од кои три милиони се од Министерството за култура.Цените на билетите остануваат популарни, односно 100 денари за филм и 200 денари за целовечерен билет.„Продолжуваме со борбата против пиратеријата и затоа се надеваме дека вистинските љубители на филмската магија ќе дојдат да ја доживеат во кино“ – нагласи Иво Антов.Меѓу најзначајните настани на фестивалот е доаѓањето на полскиот режисер Кшиштоф Зануси, едно од најголемите имиња на европската кинематографија, кој во Скопје ќе дојде со поддршка на амбасадата на Полска во Македонија.„Тоа е долготраен и напорен процес да се обезбеди ваква филмска ѕвезда. Голем успех е што годинава ќе го донесеме Зануси во Кинотеката на Македонија“ – изјави Владимир Ангелов од Кинотека на Македонија.Во текот на 24 часа, колку што ќе престојува во Скопје, Зануси ќе одржи предавање на ФДУ, ќе добие Признание за особени заслуги за светската кинематографија од Кинотеката на Македонија и ќе одржи отворена средба со љубителите на неговите филмови и на филмската уметност.Како оф-програма на фестивалот ќе се одржуваат проекции на филмови во четири скопски кафулиња.Во соработка со „Ново кино напредок“ во „Менада“ ќе се прикажуваат андерграунд филмови од Б-продукцијата, во „Дамар“ ќе има проекции на светски наградувани анимирани филмови, во „Чакра“ ќе се прикажува програмата „Пусто турско“, која претставува ретроспектива на турските обработки на познати акциони и сф-филмови од крајот на 20-иот век, како „Бетмен“ и „Војна на ѕвездите“, додека во „Лајка“ ќе се прикажува дневна програма со наслов „Еротика со кафе“./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

