Култура
Кировски нов претседател на СМУМ
Виолинистот м-р Љубиша Кировски е избран за нов претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) за следниот мандатен период од четири години
На редовната изборна седница на Собранието на СМУМ е избрано новото раководство на Сојузот. Членови на Управниот одбор станаа Марија Вршкова, Весна Гиновска-Илкова, Катерина Гелебешева-Костадиновска, Никола Паскалов, Тодор Светиев и Васил Атанасов. За Претседател на Собранието на СМУМ е избран м-р Валери Стефановски.По повод изборот на функцијата, Љубиша Кировски до медиумите испрати изјава со следнава содржина:„Како претседател на СМУМ, ќе се залагам да се врати интегритетот и достоинството на македонските уметници. Заедно со членовите на Управниот одбор ќе го издигнеме СМУМ на многу повисоко ниво и ќе се залагаме за оформување на концертна агенција во рамките на СМУМ, која е од интегрално значење за сите нас. Ќе инсистирам за поголема вклученост на нашите членови во сите институции, како членови на Управните одбори на Македонската филхармонија и Опера, на фестивалот ’Охридско лето’ како и во сите комисии за доделување на државните награди и признанија“.Како што се напоменува меѓу другото во писмената изјава на Кировски тој смета „.. дека на програмите на Македонската филхармонија македонските солисти се застапени со многу мал број концери на годишно ниво и ќе побараме конечно да се направи национална програма според која половина од концертите ќе бидат со македонски солисти. Исто така на нашиот најголем фестивал ’Охридско лето“ ќе го очекуваме истото, односно ќе побараме одреден број концерти со наши солисти“.Според Кировски едно од многу важните прашања кои ги засегаат македонсктие уметниците е валоризацијата на нашиот труд. „За жал, досега бевме ставени на маргините со жално ниски хонорари, а сведоци сме на енормно високи хонорари и огромно одлевање на средства за странските уметници“ се вели во изјавата во којашто новиот директор на сојузот на музичари најавува враќање на достоинството на македонските музичари.Виолинистот Љубиша Кировски дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје, бил концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Сега е вонреден професор на ФМУ во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес започнува европската турнеја на Националниот џез оркестар
Националниот џез оркестар денес заминува на европска турнеја под наслов „Macedonian Dreams“, која ќе се одржи од 12 до 17 ноември 2025 година и ќе ги опфати градовите Будимпешта, Прага и Виена.
Турнејата ќе започне на 12 ноември во Будимпешта, во престижната ELTE Aula Magna Hall, ќе продолжи на 14 ноември во Прага, во La Fabrika, и ќе заврши на 17 ноември во Виена, во реномираниот џез клуб Porgy & Bess – еден од најпрестижните џез клубови во Европа, домаќин на врвни светски џез музичари.
„Macedonian Dreams“ („Македонски сновиденија“) е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
Диригент е маестро Владимир Николов.
Турнејата „Macedonian Dreams“ претставува значаен чекор во афирмацијата на македонската џез сцена и во промоцијата на богатството и убавината на нашата културна традиција на европските сцени.
Култура
Изложба „Точка на спојување“ на младите уметници Јоана Арсовска и Јана Николовска во КИЦ Битола
На 15 ноември, сабота, во 19:00 часот во Алтернативен галериски простор – КИЦ Битола, Офицерски дом ќе биде отворена изложбата „Точка на спојување“ на младите ликовни уметници, Јоана Арсовска и Јана Николовска.
Изложбата ќе претстави нови дела од нивното творештво, создадени во периодот после дипломирањето. Авторките се дипломирани сликари со конзервација и реставрација, и двете во класата на проф. Антони Мазневски. Јоана Арсовска истражува теми од секојдневието, додека Јана Николовска го насочува своето внимание кон спиритуалноста, теми кои ќе се обидат да ги спојат преку оваа изложба.

Алтернативниот галериски простор на КИЦ Битола се состои од три засебни простории, флуидно поврзани со што се формира една интересна целина и во исто време им овозможува на авторките да се претстават секоја пооделно со своите дела, сретнувајќи се во средишниот простор. Едната од Скопје, другата од Битола, иако различни во својот уметнички израз, во уметноста ја наоѓаат својата точка на спојување.
Јоана Арсовска и Јана Николовска се дипломирани сликари со конзервација и реставрација, дипломирале во 2023г. На Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Антони Мазневски. Своето уметничко образование го започнале во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ Скопје, на отсекот сликарски дизајн.
Во текот на нивното образование ги поставуваат основите на својот автентичен уметнички јазик и идентитет кој успешно го истражуваат и постојано надградуваат. И двете учествувале во групни изложби, како во текот на студирањето така и после дипломирањето. Учествувале и во други значајни проекти поврзани со нивната струка
Оваа изложба е проект на ЈОУ КИЦ Битола, финансиран од Министерство за култура и туризам, како проект од национален интерес од културата за 2025.
Култура
Недела на јапонски филм по осумнаесетти пат во Кинотеката на Македонија
Од 13 до 18 ноември Кинотеката на Македонија ги отвори својот простор и платно за уште еден исклучителен циклус на јапонски филм, нудејќи уникатно патување низ повеќе декади на јапонската кинематографија. Циклусот на јапонски филмови е еден од најзначајните филмски настани во годината, кој носи ретка можност за македонската публика да се запознае со длабочината, комплексноста и уникатната естетика на јапонската кинематографија.
Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество.

Програмата се состои од разновидни филмови кои опфаќаат жанровска разноликост – од драмски филмови до анимирани дела, претставувајќи ги новите имиња и таленти на јапонската кинематографија. Нивната креативност, посветеност на детали и инспирацијата од јапонската култура, социјалните прашања и модерниот живот го прават овој циклус особено актуелен и релевантен за денешната публика.
Преку овој циклус, Кинотеката нуди повеќе од само проекции. Тоа е културен мост меѓу Истокот и Западот, претставувајќи ги различните аспекти на јапонскиот филм и повикувајќи ја публиката да го открие светот зад екранот. Ова патување низ јапонската кинематографија е повеќе од само уживање во филмската уметност – тоа е повик за истражување на длабочините на културата, историјата и човечките искуства.

