Култура
Премиера во Градски театар Скопје
Како седма премиера во репертоарот на Градски театар Скопје денескa и утре ќе биде поставена претставата „Човекот од собата број 7“
Станува збор за монодрамски проект со актерот Сашо Тасевски во режија на Ристо Алексовски, работена по мотиви од Достоевски, Борхес и Сјоран во адаптација на Борче Грозданов. Музиката која се користи во претставата е на PuppeTology.Основните факти за претставата беа изложени на денешната прес-конференција, која се одржа во Младинскиот културен центар.„Идејата кај мене е стара пет години. Откако ја прочитав новелата „Бели ноќи“ од Достоевски, ми стана јасно дека тоа е најубавата љубовна приказна што воопшто сум ја прочитал досега. Тоа е новела од која блика чиста љубов на еден осаменик. Тоа е човек кој е отфрлен од општеството, но е неверојатно паметен и интелигентен“.„За мојата реализација на текстот беа потребни три години. Потоа режисерот Ристо Алексовски и актерот Сашо Тасевски ја земаа работата во свои раце и мојата меланхоличност и патетичност ја претставија многу пожестоко и многу поубаво. Мислам дека направивме добра, убава и жестока претстава која ќе се гледа“, рече Борче Грозданов.Претставата се подготвуваше околу месец и половина, на сцената на Градски театар Скопје во МКЦ.„Од базичната идеја на Борче Грозданов во неговиот обид за адаптација на „Белите ноќи“ на Достоевски во процесот на реализација сфативме дека истата адаптација ќе биде многу подобра и поразбирлива ако ја вметнеме во контекстот на 21-иот век. Во текот на работниот процес се создаде комбинацијата на три автори кои немаат ништо блиско меѓу себе, но во исто време работат на една тематика која до болка е позната и во 19-тиот и во 20-тиот и во 21-иот век. Тоа е тематиката на апсолутната осаменост“.„Притоа ја земавме в предвид осаменоста како синдром, а не како состојба на една индивидуа. Затоа покрај Достоевски како помош ги земавме делата на Емил Сјоран и на Борхес, кои и самите ја редефинираат темата на самотијата. Тоа што со Сашо Тасевски сакавме да го направиме е игра која се повторува до апсолутна жестокост“.„Главниот лик во претставата секој ден повторува една игра која го уништува него до таа мерка што во самиот пик на лудилото, тој станува многу понормален и почовечен од многу други. Практично, тоа што се обидовме да го направиме со претставата е обид за редефинирање на поимот нормалност“, нагласи режисерот Ристо Алексовски.Единствената улога во претставата ја толкува актерот Сашо Тасевски. Публиката ќе биде сместена на сцената за да се добие потребниот амбиент за следење на дејствието. Бројот на гледачите ќе биде ограничен заради природата на материјата и на самата претстава.„Размислувајќи за осамениот човек од собата број 7 дојдов до една математичка, или, поради тоа што не располагам со конкретни величини, попрецизно е да се каже дека стигнав до една филозофска формула на лудилото. А таа е дека лудилото е еднакво на осаменоста помножена со очајот на квадрат, земени во таа смисла што очајот и осаменоста се претворливи во лудило, и обратно“.„Прашањата кои се отворија се колку вистински осамените луѓе се луди, или колку вистински осамените луѓе имаат потреба да партиципираат или да создаваат еден паралелен свет во кој ќе ја олеснат својата осаменост, со претпоставка дека осамениот човек никогаш не седи мирен, туку постојано бара начин да создаде околности во кои ќе си ги олесни маките“.„Кога создаваш паралелен свет во еден мал и затворен простор, многу е голема веројатноста оној што се обидува да го креира просторот многу лесно да преминува од егзистенцијалната реалност во новосоздадена или артифициелна реалност. Во таква ситуација веќе не може да се дефинира што е лудило, а што е нормалност“.„Лично сметам дека во природата на човекот е да ги поседува сите потенцијали. Доволен е само еден клик и човекот да скршне од насоката по која тргнал и да продолжи по насока за која никогаш не претпоставувал дека би можел да се движи. Во таа смисла, во претставата најважно е како тој човек жонглира со својата осаменост и со својот очај“ – објасни актерот Сашо Тасевски.Претпремиерата на претставата е на 15 април, додека официјалната премиера ќе се одржи на 16 април, во 20 часот на сцената на Градски театар Скопје во Младинскиот културен центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

