Култура
Отворен 14-тиот Скопје филм фестивал
Со премиерата на филмот „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски синоќа беше отворен 14-тиот Скопје филм фестивал. Годинава фестивалот се одржува од 15 до 20 април со филмски проекции во кино „Милениум“ и во Кинотеката на Македонија.
„Им посакувам добредојде на сите љубители на филмската уметност, и на сите што ги носат Скопје и Џо Страмер во душата“ – изјави Иво Антов, директор на Скопје филм фестивал, пред преполната сала во киното „Милениум“.Првата активност на Скопје филм фестивал беше доделувањето на наградата за животно дело на значајниот полски режисер Кшиштоф Зануси.„Навистина сум допрен што ја добивам наградата и навистина многу ми значи. Секогаш кога ќе добијам награда за животно дело се чувствувам како артефакт ставен во некој природонаучен музеј. Колку и да ме прави тоа среќен, сепак, сѐ уште сум активен и сe уште работам и се надевам дека ќе направам уште многу филмови, ќе раскажам уште многу приказни и со вас ќе ги поделам моите чувства. Затоа, ве молам не ме ставајте во музеј. Иако многу сум среќен што ја добив наградата, сѐ уште сум жив и ги подготвувам моите следни филмови“ – изјави Кшиштоф Зануси со симпатична доза на духовитост откако ја прими наградата.Наградата што ја доби Зануси е една коцка од скопскиот плоштад, едно парче историја од животот на Скопјани, на градот и на фестивалот.„Многу сум среќен што дојдов во Македонија, бидејќи е една од ретките земји во Европа што сe уште не сум ги посетил. Мислам дека имате голем потенцијал, прекрасни пејзажи, долга историја и се надевам дека сето тоа ќе го искористите да направите квалитетна филмска уметност“ – потенцираше Зануси.На отворањето на фестивалот присуствуваше министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, американскиот амбасадор Филип Рикер, екипата која го реализираше филмот „Панкот не е мртов“, филмски работници, медиуми и љубители на филмската уметност.„Пред 14 години група млади Скопјани имаа сон, сакаа филмски да ги замрзнат своите идеи во доријангрејовскиот флешбек, во кој елипсите и паралаксите како моќен синопсис нема да му дозволат на времето да стане минато. Денес Скопје го живее овој сон, сон на домаќин на меѓународен филмски фестивал“ – изјави Елизабета Канческа – Милевска.„Целата убавина скриена во подвижните слики, чија естетика воодушевува, поттикнува, инспирира, воздигнува, образува, менува, ја крие тајната на популарноста што ја ужива филмот насекаде во светот. Во следните пет дена ќе навлеземе во најновите скриени меандри и лавиринти на филмовите создадени и создавани од многумина по 1895-тата година. Скопскиот филмски фестивал стана настан кој го врати филмскиот дух на киносалите во Скопје“ – нагласи министерката за култура на отворањето на фестивалот.Отворањето на фестивалот со премиера на новиот македонски филм „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски е вистински потег на организаторите на огромно задоволство на екипата која го реализираше филмот. Станува збор за искрено, емотивно и енергично филмско остварување. Приказната за група луѓе кои најубавите денови од својата младост ги оставиле во долгата транзициска реалност на емотивен начин допира до публиката. Користењето на панк-идеологијата е во функција на обидот да се врати и оживее нешто што одамна заминало. Сето тоа е претставено низ приказната за реоформување на една панк-група и взаемните релации и конфликти кои членовите на групата со години ги носат во себе.Во „Панкот не е мртов“ учествуваат актерите Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Џевдет Јашари, Кирил Поп Христов, Владимир Тулиев, Ратка Радмановиќ, Флора Достовска.Филмот е снимен по сценарио и режија на Владимир Блажевски. Извршен продуцент е Дарко Попов. Соработници на сценариото се Вардан Тозија и Дарјан Пејовски. Директор на фотографија е Димо Попов, монтажер е Благоја Неделковски, додека композитор на музиката за филмот е Александар Пејовски.Во екипата која го реализираше се и Мојца Горогранц – Петрушевска (шминка), Кирил Спасески – Кикич (сценографија), Илина Ангеловска (костимографија) и Атанас Георгиев (дизајн на звук).По завршувањето на Скопје филм фестивал, филмот „Панкот не е мртов“ ќе се прикажува на редовниот репертоар на кино „Милениум“.Билетите за денешната програма на фестивалот во киното „Милениум“ со филмовите „Заверена копија“ на Абас Киаростами, „Говорот на кралот“ на Том Хупер и „Социјална мрежа“ на Дејвид Финчер, веќе се распродадени.Во Кинотеката на Македонија на репертоарот се филмовите „Персона нон грата“ од циклусот филмови на режисерот Кшиштоф Зануси, и македонскиот филм „Маклабас“, од циклусот „Скопје најнтис“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

