Култура
Класична претстава „Бесови“ премиерно во четврток во МНТ
Класичната претстава „Бесови“ дело на рускиот писател Ф.М Достоевски во адаптација на Албер Ками, а во режија на Златко Славенски, премиерно ќе биде изведена во четврток со почеток од 20:00 часот, на сцената на Mакедонскиот народен театар.
Класичната претстава „Бесови“ дело на рускиот писател Ф.М Достоевски во адаптација на Албер Ками, а во режија на Златко Славенски, премиерно ќе биде изведена во четврток со почеток од 20:00 часот, на сцената на Mакедонскиот народен театар. На претставата се работеше три месецa и во неа ќе учествуваат 13 актери, со костимографија и сценографија во кои е вложен голем труд.„Иако ако речете дека ќе појдете од еден сегмент, од една насока, тешко е да се компримира еден голем автор. Она што најмногу ме фасцинира, како вистинското творештво и идеи се навистина вонвременски“, изјави Славенски.Главниот лик од романот Николај Ставрогин го толкува Ѓорѓи Јолевски, а споредниот лик Петар Степанович Верховенски го игра Владо Јовановски. „Обидот да се справам со мојот пламен на емоции и моите сензори, ме доведе да се запрашам дали се чувствувам како ликот на Достоевски“, рече актерот Јолевски. Претставата трае три часа и четириесет минути. Во тек се и подготовките претставата „Ромео и Јулија“. Од утре во МНТ ќе се отвори продавница за сувенири во која ќе може да се продаваат маици, беџови, пенкала итн. поврзани со театарските претстави./крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба „Откритија“ во македонскиот КИЦ во Белград
Македонскиот КИЦ во Белград, од 25 до 29 ноември, ќе биде организатор и домаќин на изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции. На оваа изложба, ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на г-н Игор Станковиќ.
Станува збор, за мали ремек-дела на големите мајстори на македонската ликовна уметност, за кои македонската стручна и ликовна јавност многу малку знае, бидејќи освен во Галеријата на САНУ во Белград, овие дела, во најголем дел, ретко или никогаш не биле изложувани во нашата држава.
Во каталогот за изложбата, историчарката на уметноста, г-ѓа Викторија Васева Димеска, пишува:
Се́ поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност, е од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски…изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани, ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивното презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствaтa што се под закрила на приватните амбиенти, дава можност да се откријат, пронајдат, непознати податоци кои можат да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постоечките теоретизирања.
Сите автори застапени во оваа колекција се еден хронолошки патепис и дел од историјата на македонската ликовна уметност. Во нив е вткаена широка лепеза на ракописи, од граѓанскиот портрет на Папрадишки, сочната палета на Личеноски, извонредниот цртеж и суптилните тонски соодноси на Мартиноски, хармоничните колористички конструкции на Коџоман, силната колористичка екстаза и извонредната композиција на Петар Мазев, религиозниот занес со возвишените остварувања на византиската уметност на Глигор Чемерски, преку лирските, екстатичните сцени од длабочините на човечката психофизичка егзистенција на Владимир Георгиевски, имагинарните, романтични сцени и амбиенти на Рубенс Корубин, звукот на пораката за изгубените простори на сеќавањата во мирисот на глуварките на Танас Луловски, геометриска апстракција на Ѓоко Матевски, придушената гама на Весна Бајалска….
Збирките не се само материјално богатство, тие се дел од историјата, од начинот на живеење на еден народ, од културната и духовната баштина, но тие се и чувари на духот на оној што со љубов ги собирал.
Иницијатор и домаќин на овој несекојдневен ликовен настан во огранизација на нашиот КИЦ во Белград е директорот Васко Шутаров, кој ќе го отвори настанот, а изложбата за отворена ќе ја прогласи Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Овој проект, кој е само почеток на една поголема и повеќегодишна активност за презентирање на сите поважни дела од македонски ликовни автори кои се наоѓаат во белградски приватни колекции е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Култура
Спроведени се значителни реформи во работењето во 2025 година, велат од Агенцијата за филм
Агенцијата за филм на прес-конференција презентираше дополнителни појаснувања поврзани со Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење на агенцијата заклучно со декември 2024 година, како и информации за тековните реформи што се спроведуваат под актуелното раководство.
„Во однос на објавеното соопштение од ДЗР и насловот „Слабости во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат“, сметаме дека е важно да се појасни дека извештајот се однесува исклучиво на работењето до декември 2024 година, односно на период што претходи на актуелното раководство.
Формулацијата на насловот од соопштението на ДЗР, кој медиумите го презедоа, создаде впечаток дека констатираните состојби се однесуваат и на тековното работење на Агенцијата. Важно е да се појасни дека извештајот се однесува на ревизија на неколку избрани проекти и на период заклучно со 2024 година, што не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година“.
Ги цениме укажувањата на ДЗР, истакнуваат од агенцијата, кои како што велат, претставуваат солидна основа за натамошно унапредување на системите и процесите.
Прецизираат дека токму на тие реформи агенцијата активно работи уште од почетокот на 2025 година.
„Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување.
Активно се работи на изготвување на Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот.
Во согласност со законските обврски и принципите на отчетност, новото раководство достави шестмесечен извештај за работењето до Владата на Република Северна Македонија, со што се демонстрира посветеност, отчетност и одговорно управување.
Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање“.
Истакнуваат дека најголема новост е што агенцијата активно ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава на најпрестижната филмска платформа во светот.
„Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување. Нашата цел е едноставна — Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка.
Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што македонскиот филм ги постигнува во 2025 година. Овој творечки подем е резултат на талентот и посветеноста на филмските автори, а наша задача е да создадеме стабилен, јасен и ослободен систем што ќе им обезбеди простор да творат слободно и креативно, притоа да бидат достојно поддржани“ – вели в.д директорот Сашко Мицевски.
Филмовите поддржани од Агенцијата бележат исклучителни меѓународни резултати. Филмот „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски од почетокот на годината до денес, ја претстави државата на над 70 меѓународни фестивали, освојувајќи 29 награди и признанија. Филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на Фестивалот во Венеција, што претставува значаен успех за македонската кинематографија.
“Ова е патот по кој ќе продолжиме: поддршка, транспарентност, професионализам и создавање услови за нови филмски успеси. Веруваме во нашите автори и ќе направиме сè што е потребно за нивниот творечки потенцијал целосно да се реализира“ – заклучи Мицевски.
Култура
„Слугинките“ на Агнес Нокшиќи и ВР перформанс вечерва на МОТ
Текст и танц низ 15 сцени, вешто споени во кореографско – драмско дело кое ја има улогата на театарско огледало, во кое не само што ќе се огледаат „Слугинките“ на Жан Жане, туку режисерката Агнес Нокшиќи овозможува да се огледа и секој еден од публиката.
Приказната го истражува сложениот однос љубов-омраза помеѓу две слугинки, госпоѓа и господин. Заробени во циклуси на ропство и фантазија, слугинките копнеат по слобода, но остануваат врзани од своите желби и угнетувачката динамика на моќта.
„Текстот „Слугинките“ е избран поради сложените односи на моќ, желби и постојано менување на улогите, што отвора богат простор за истражување. Материјалот дозволува игра, претерување, промена на енергиите и слободно движење меѓу фикцијата и реалноста. Делото ја открива тенката линија меѓу сериозност и апсурд, создавајќи можност за продлабочена креативна работа и силна перформативна изразност“ – открива режисерката Нокшиќи.
Како и во животот, некои го користат своето страдање не како рана, туку како оружје, извртувајќи ја својата жртва во контрола, манипулирајќи, заплашувајќи – барајќи сочувство, а не покажувајќи никаква.
Во ова театарско огледало секој се одразува, па можеби некои ќе се препознаат себеси, а другите ќе погледнат настрана, а пак некои ќе откријат дека нивниот стисок никогаш не бил толку силен како што замислувале.
Претставата ќе се случи во МКЦ – клуб ресторан, а во неа играат Арбнора Адеми, Блендон Ахмети, Доника Ахмети и Агнес Нокшиќи.
Меѓудругото, вечерва на 50.МОТ ќе се одржи и ВР перформанс, проект на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а во продукција на Ехо Анимато (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин), премиерно изведена во Берлин, мај 2025, спојувајќи ја технологијата и активизмот за преосмислување на театарот како простор за еколошка и емоционална поврзаност во рамките на проектот PROSPER кофинансиран од Европската Унија.
„Ехо од длабочината“ е имерзивен ВР перформанс што поетски ја истражува еколошката ранливост на Охридското Езеро – едно од најстарите езера во Европа, но и најбогато со биодиверзитет. Спојувајќи виртуелна реалност и жива перформативност, делото ја поканува публиката да нурне под површината во кревкиот подводен свет и да се замисли над односот меѓу човекот и природата. Создадена во рамки на меѓународна резиденција со осум уметници, изведбата обединува дигитална слика, звук и телесно раскажување приказни, поттикнувајќи емпатија и еколошка свесност. Перформансот завршува така што публиката ќе има можност да испрати лични пораки до граѓаните на Охрид, создавајќи симболичен мост на прекугранична солидарност.
Во него играат Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Благој Веселинов.

