Култура
Добротворен концерт во Дом на АРМ
Хуманитарен пијано-концерт вечерва, со почеток во 20 часот, ќе се одржи во Дом на АРМ во Скопје.
Хуманитарен пијано-концерт вечерва, со почеток во 20 часот, ќе се одржи во Дом на АРМ во Скопје.Солист на пијано е познатиот унгарски изведувач Тамаш Ерди. Концертот е во организација на амбасадата на Унгарија, во знак на претседавањето со Европската Унија, институтот „Балаши“, Лајонс Македонија – Дистрикт 132 и Дирекција за култура и уметност на Скопје.Средствата добиени од концерт ќе одат во хуманитарни цели, односно ќе бидат поклонети на Сојузот на слепи.Пијанистот Тамаш Ерди е роден во Будимпешта, Унгарија. Почнал да свири пијано на пет години. На осум години за првпат се појавува на концертниот подиум, и оттогаш редовно одржува концерти, свири на фестивали и учествува на телевизиски програми.Тамаш Ерди го изгубил видот како резултат на предозираност со кислород во расипан инкубатор. Ерика Бект и Жужа Колар, инструкторите на Тамаш, користат уникатен метод наречен „структурен метод“ за да го научат Тамаш да свири пијано, со што тој буквално ја „прекомпонира“ музиката со која го запознаваат. Овој процес му овозможил да научи многу партитури за пијано како и 14 кончерта за пијано без да се служи со видот или партитури.Во 1989 година Тамаш Ерди е примен на Музичката академија во Виена во класата на Имола Јо. На 15 години свири кончерто за пијано од Моцарт на престижниот „Пролетен фестивал“ во Будимпешта, во Унгарскиот парламент со врвниот диригент Тамаш Вашари. На 17 години победува на меѓународниот натпревар за пијано во Москва.Од 15 години Тамаш учи да свири пијано под раководство на Тамаш Вашари. Тој свирел под раководство на познати диригенти во Унгарија и во странство. Кога Леон Флајшер го чул Тамаш како го изведува Моцарт, професорот му понудил стипендија на Кралскиот конзерваториум за музика во Торонто. Четирите години поминати со Леон Флајшер отвориле ново поглавје во животот на Тамаш. Тој ги завршил своите студии и во Виена и во Торонто, со што се здобил со диплома за музичар изведувач на пијано.Тамаш има одржано концерти во Флорида, Бостон, Вашингтон (округот Колумбија), Портланд, Чикаго, во „Карнеги хол“ и во Линколновиот центар, како и низ цела Канада. Исто така, свирел и со Тамаш Вашари во лондонскиот „Барбикан центар“. Тамаш одржал концерт и во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, во чест на Меѓународниот ден на лица со хендикеп, и во Кастел Гандолфо во Италија, летната резиденција на папата./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.

