Култура
Отворена изложбата „Креативни жени-пронајдоци и иновации од Шведска“
Изложба насловена „Креативни жени“ посветена на пронајдоците и иновациите на жените од Шведска е отворена во Националната и Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје.
Изложба насловена „Креативни жени“ посветена на пронајдоците и иновациите на жените од Шведска е отворена во Националната и Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје.Изложбата опфаќа 40 прикази на иновации од жени иноватори во Шведска и до сега била прикажана во два града во Белорусија, Украина, Република Српска. „Со организацијата на оваа изложба Националната библиотека ќе се придружи кон пораката на претседателот Ѓорге Иванов да станеме држава во која ќе се создаде амбиент за поттикнување на иноваторството не само кај најмладите туку и кај целата популација. Наскоро ќе отвориме и кабинет во кој граѓаните ќе можат да ги пласираат своите најразлични идеи од сите области, а потоа истите ќе бидат проследени до компетентните институции на кои се однесуваат, “ изјави Миле Бошески, директор на НУБ „Св.Климент Охридски“.„Изложбата, иако тоа не ни беше целта, може да се подели во три групи. Во првата група се иновации кои се однесуваат на зачувување на животната средина и одржување на развојот, втората група упатува на тоа дека голем број жени се активни во медицинскиот и здравствениот сектор и третата се однесува само на специфичните потребите на жените. Овој проект го стартувавме, бидејќи по едно истражување во Техничкиот музеј во Шведска откривме дека најголем дел од пронајдоците им припаѓаат на мажите. Потоа поведовме двегодишна кампања во кој привлековме 70 изуми од жени. Целта е да стимулираме дискусија и дијалог за креативност и иновативност, како и обид да го поттикнеме претприемништвото и родовата рамноправност на ова поле,“ изјави Јудит Блек, од Шведскиот институт.Освен изложбата која ќе трае до 10 јуни, во новиот дел на Универзитетската библиотека ќе има организирано предавања од областа на иновациите во медицинскиот сектор, како да се патентира идејата во Македонија и на меѓународно ниво, панел дискусија на тема „Визуелно размислување“, научни дискурси и технолошки иновации, семинар на кој ќе се дискутира за можноста за развој на женското претприемаштво кај нас и др. Изложбата е организирана во соработка со Шведскиот институт, Националниот музеј за наука и техника во Стокхолм како и Амбасадата на Шведска во Македонија.крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

